Над 20 тона, или прецизно, 20,563 килограми сув цвет од канабис, произведен од македонски фирми, бил извезен од државата за нешто повеќе од 4 години, или од 2022 година до сега. Најголема количина била извезена минатата година, или по легален пат излегле над 10 тона сув цвет.
Станува збор за официјални податоци кои „Фокус” ги доби од МАЛМЕД, како надлежна институција за производство и ставање во промет на канабисот, одгледуван за медицински цели.
Ова е количината на легално произведен сув цвет од марихуана, во Македонија, а прашањето е колку од „легално” произведената марихуана во лиценцираните компании завршила на црниот пазар? Оваа прашање особено се наметна по заплената на 5-те тони марихуана во Србија, за која истрагата и во двете земји покажува дека била произведена во нашата држава.
Ако зборуваме во евра, пак, простата математика покажува дека македонските фирми вкупниот извозен сув цвет го продале од 60 до 80 милиони евра. Имено, еден килограм на легалниот пазар се продава од три до четири илјади евра.
Споредбата на достапните податоци за количината на произведен сув цвет, и количината на извозот, пак покажува отстапки, односно бројките говорат дека не се што се произвело завршило на странскиот пазар.
Бидејќи располагаме со официјални податоци за произведен сув цвет до 2024 година, ќе го споредиме извозот до овој период. Па така, до 2024 година бил произведени 11,8 тона сув цвет, а бил извезен 9,2 тона. Разликата е 2,6 тона.
Можно е дел од разликата од оваа количина да завршила на домашниот пазар, иако според информациите на „Фокус”, тој е многу мал, а дел можеби била уништена или пак завршила на црниот пазар. Како и да е, сликата ќе биде појасна кога од надлежните институции ќе ја објават и статистиката за легално производство на канабис за минатата година.
Поточно, доброупатени извори за „Фокус” појаснуваат дека се што нема да се пласира на легалниот пазар, треба да се уништи, и за тоа да се информира комисијата надлежна за надзор на работата на овие компании. Но, сомневањата се дека големи количини од сувиот цвет, кој што не го нашол пласман на легалниот пазар, под превезот дека бил уништен, всушност завршил на црниот.
Сепак останува и сомнежот дека поради слабите контроли во овој бизнис, дел од фирмите, ниту прецизно пријавиле се што произвеле или набавиле од други компании.
СУВИОТ ЦВЕТ СЕ ИЗВЕЗУВА ИАКО НЕ БЕА ДОНЕСЕНИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ
Од МАЛМЕД за „Фокус” ја појаснуваат и процедурата за извозот на сувиот цвет, бидејќи во јавноста постоеше поделено мислење за тоа дали воопшто државата дозволува извоз на овој производ. Одгледувачите во 2021 година самите бараа регулирање и на овој дел од бизнисот, поради што упорно бараа законски измени на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци. Пред неколку години, Владата на Зоран Заев подготви измени, односно извоз на сувата маса во форма на цвет добиена од исушеното растение канабис, како и увоз, извоз и трговија со семенски и саден материјал од канабис, но истите беа блокирани од ВМРО-ДПМНЕ.
Сепак и покрај тоа што законските измени не поминаа, се изнајде начин за да се стигне до легалниот пазар. Процедурата ни ја објаснуваат од МАЛМЕД, а од појаснувањето се сфаќа дека извозот е овозможен со измена на Листите за класификација на супстанции и растенија во листите од меѓународните конвенции за опојни дроги и психотропни супстанции, каде што во 2021 година е додаден и сувиот цвет од марихуана.
-Согласно член 31 став 1 од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции („Службен весник на РМ” бр. 103/08, 124/10, 164/13, 149/15, 37/16 и 193/17), супстанциите и растенијата класифицирани во листите II и III, како и нивните препарати е дозволено да се произведуваат и ставаат во промет од правни лица кои ги исполнуваат условите за вршење на производство на лекови согласно со прописите за лекови и имаат дозвола за производство и промет на супстанции класифицирани во листите II и III, како и нивни препарати.
Согласно член 3 точка 14. од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, „промет” е секој начин на ставање во промет на опојна дрога, психотропна супстанција, растение, дел од растение како што се увоз, извоз, транзит, набавка, купување, продажба, замена, пренос, складирање, издавање на рецепт и слично.
Во Листите за класификација на супстанции и растенија во листите од меѓународните конвенции за опојни дроги и психотропни супстанции во категорија на опојни дроги и психотропни супстанции („Службен весник на РСМ“ бр.104/21), канабисот (растение) е распореден во првата и во третата категорија на опојни дроги, под „хемиско име/опис“ цветни и плодни врвови на растението канабис (без екстрахирана смола), појаснуваат од МАЛМЕД за ,,Фокус”.

СЕ ШТО РАСТЕЛО НА НИВА НЕМАЛО ПЛАСМАН НА ЛЕГАЛНИОТ ПАЗАР?
Дополнително „навлекување“ на бизнисот со марихуана предизвика олеснувањето на процедурата за одгледувањето на марихуаната, нешто што беше регулирано со Правилник донесен во 2023 година, а потпишан од тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити.
Наместо дотогаш строгите контролирани и затворени услови, се дозволи канабисот да се одгледува на отворено, односно буквално на нива.
„Одгледувањето канабис се врши на отворен простор (површина или земјиште) што е атмосферски заштитен. До просторот, односно површините наменети за одгледување канабис треба да постои пристапен пат и манипулативен простор, како и да има лесен пристап за возила“, се наведува во една точка од Правилникот.
Но, познавачите, велат дека тука настанал и вистинскиот проблем, бидејќи марихуаната која е одгледана надвор, во неконтролирани услови, го нема квалитетот за производство на медицински лекови.
Тврдат дека овој канабис може да заврши само на црниот пазар, кој дел од производителите го сметаат за брза заработувачка.
–Има строго пропишана процедура за одгледување на канабис за медицински цели. На пример, навечер во затворената просторија температурата треба да биде 17 степени, а преку ден 27 степени. Ова не значи дека можеш да отвориш прозорец за да изладиш, бидејќи ќе влезе кристал од дива марихуана, која многу ја има кај нас, и за него не постои начин потоа да се отстрани од маслото. Тука паѓа квалитетот и не е за медицински цели, вели наш соговорник, кој додава дека купувачите од европскиот пазар се доста стручни и инсистираат на строги критериуми.

СТАТИСТИКА ОД МАЛМЕД ЗА ИЗВЕЗЕН СУВ ЦВЕТ
Податоци за извезени количини на масло и АПИ цвет од канабис за медицински цели, во изминатите 5 години.
2022 година
1,616.11 kg АПИ цвет
2023 година
3,007.11 kg АПИ цвет
2024 година
4,568.728 kg АПИ цвет
2025 година
10,136.647 kg АПИ цвет
2026 година
1,236.104 kg АПИ цвет
Пишува: Валентина Вурмо
(Во најновиот број на неделникот ,,Фокус” ќе објавиме продолжение на сторијата, односно колку пари се свртеле во бизнисот со продажбата на сувиот цвет и маслото од канабис)