,,Фокус” открива: Која е Андреа, девојката од Скопје чија музика одекнува во светските шопинг центри

by fokus

На прво слушање на песна од Андреа, моќен вокал со специфичен призвук, најверојатно ќе го добиете впечатокот дека станува збор за музичка ѕвезда од светски калибар.
Нејзината песна ,,I know” се врти во над 600.000 продавници во големи молови ширум светот, на радио станици во САД, Британија, Холандија, Италија, Германија, Сингапур, Грција, па дури и во Јужна Африка, а критиките кои се оставаат на странски музички блогови се позитивни, со претскажување на успешна музичка кариера.

И, ако нејзината музика на многумина им звучи познато, можеби малкумина знаат дека Андреа е наша девојка, живее и гради светска кариера токму од родното Скопје.

За ,,Фокус” раскажува дека уште од мали нозе е со микрофонот во рака, а во средношколските денови со локален бенд настапувала во локали, претежно со рок репертоар.

-Кога завршив со средното училиште сфатив дека сакам да градам соло кариера, дека ова е мојот животен избор со кој професионално ќе се занимавам. Средбата со композиторот Александар Масевски беше еден вид на пресвртница за мене, започна нашата соработка со песната ,,I know” која преку ноќ беше одлично прифатена од публиката од страна.

Ме радува огромниот број на прегледи, ме радува тоа што песната се врти во над 15 земји во светот, луѓето ја прифатија, си ја потпевнуваат… Многу труд е вложен во она кое го направив досега, имам покрај мене тим од шест лица, кој работи буквално седум дена во неделата. Сите тие контакти, сите напори и презентации до познати радио станици, до странски музички портали, до вистинските адреси, си го направија своето – вели Андреа.

Пред една недела во етер е пуштена и нејзината втора песна ,,I don’t know your name” која е авторско дело на Масевски.

За само неколку дена истата ги освои слушателите на модерната поп музика, но и добива позитивни критики и рецензии надвор од земјава на популарни музички блогови. За неа е снимен и видео запис во кој се појавува балерината Стефанија Гаштарска.

Андреа изгледа скромно, со слободно пуштена коса, без или со минимална и ненаметлива шминка, најчесто е во кежуал гардероба. Раскажува дека целосно е посветена на кариерата, слободна е и се стреми кон освојување на светската музичка сцена со своето најмоќно орудие, гласот.

Околу тоа што во родната земја не е доволно позната, а нејзините песни рушат рекорди на слушаност надвор од Македонија, вели дека е сигурна како нејзината музика полека ќе си го најде патот до вистинските слушатели.

-Ова е да речам, малку подруга музика од онаа на која нашите слушатели можеби се свикнати. Се што е на некој начин ново, кај нас обично поспоро се прифаќа, но верувам во себе и во својот тим. Ова е мојот пат, самоуверено чекорам напред и кога пандемијата ќе биде зад нас се подготвувам за нови дела и успеси – ни изјави младата скопјанка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости