Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Точно е дека за разни состојби и аспекти поврзани со скопската клиника за Онкологија и радиотерапија се пишува долго време, но има еден неспорен факт, што впрочем го потврди и обвинителството.
Имено, предистражната постапка, во чии рамки полицијата изврши претрес на клиниката, е отворена по написите во неделникот „Фокус“, кој ја третира оваа тема. Во таа насока, обезбедивме и обелоденивме многу информации во врска со третманот на тешко болните од рак, при што најтрагични се сознанијата дека вработени на Онкологија краделе биолошка терапија за да профитираат, иако таа им е насушно потребна.
Е, сега доаѓаме и до потешкиот, па и пострашен дел во целата приказна, а тоа е како се одвива патот на лекот од клиничката аптека, па сѐ до моментот кога го примаат пациентите.
„Фокус“ на оваа тема поразговара со неколку вработени од онколошката клиника, кои ни ја објаснија целата процедура.
Најпрво, лекот се пропишува од страна на лекар и историјата се дава во дневна аптека. Потоа, од аптеката лекот се требува и тој се спрема, па се аплицира кај пациентите.
Како лекот се спрема, дали се спрема и што се аплицира на пациентите, според нашите извори, тоа најдобро го знаат оние на позициите, поточно одделенските сестри што ги спремаат.
–Значи, лекар ја пропишува терапијата. Портирот ја презема на влез историјата пред дневната болница. Тука се дава на одделенската сестра на дневна болница и истата оди да го земе од клиничка аптека. Од тука одделенската сестра на дневна повторно презема лек и оди да спрема.
Откако се спрема, се дава за апликација на пациентите. Што се спрема, колку се спрема, тоа знаат само одговорните – велат нашите извори од клиниката.
Уште пострашни работи се случувале на пациентите болни од рак, кои се во терминална фаза, односно веќе се во крајна фаза.
Нашите извори тврдат дека се манипулирало со терапијата кај дел од тие болни, посебно на одделот, кој во моментот е главна мета на шемата.
Нормално дека не кај сите пациенти. Некои од лекарите ветувале дека за одредена сума пари ќе обезбедат лек од странство, иако веќе се свесни дека пациентот е пред умирање.
Сепак „волшебниот“ лек е комбинација од манитол, тоа е лек против отоци во комбинација со две ампули кортико, дексазон, понекогаш антибиотик и витамин Ц.
Точно е дека таа терапија се дава на клиниката, но не за лекување од болеста.
За точно да ја доловиме сликата, ќе го земеме како пример лекот „avastin“, (bevacizumab), кој се користи по првата прогресија на болеста кај пациенти со метастатски колоректален карцином, кој доведува до подобрување во однос на преживување.
„Avastin“ е единствената биолошка терапија, која докажано го зголемува вкупното преживување кога се употреба во прва линија, по првата прогресија и во втора линија на третман на метастатски колоректален карцином.
На пример, две пациентки примаат „авастин“. Лекот веќе е одобрен од лекарот и потврден од директорот и се зема од аптека. Овој лек се дозира според килажата. Едната пациентка е послаба и треба да прима 800 милиграми, а другата е подебела и треба да прима 1.500 милиграми.
Една ваква ампула е од 1.000 милиграми. Затоа се потребни цели три ампули од 1.000 милиграми, за пациентките да ја примаат соодветната терапија. Што значи дека од третата ампула би останале 700 милиграми, кои потоа треба да се раздолжат.
Во тој случај, на пациентките ќе им стават помалку терапија од потребната, за целата трета ампула да остане неискористена и така таа завршува надвор од болницата, на црниот пазар.
Тоа била само една од направените шеми, за кои реално не морале да знаат ниту докторите. Тука губат и пациентите, и самата болница.
Баш од ваквите случувања, актуелната директорка Виолета Клисаровска тврди дека преземала сѐ повеќе безбедносни мерки за да се спречи крадењето на лековите.
–Одговорно им тврдам на пациентите, откако сум јас, значи зборувам за периодот од ноември 2022 година, одговорно тврдам, сите ги уверувам, дека секој пациент ја добива пропишаната терапија, согласно индикацијата, дозата, типот на лекот, според тоа што неговиот соодветен ординирачки лекар тоа ќе го постави, без никаква манипулација со лековите.
Воведени се повеќе безбедносни мерки за следење на лекот од влезот во Клиниката до аплицирање кај пациент. Една од безбедносните мерки е ограничен број сестри, точно по распоред секој ден се знае која сестра доаѓа во допир со нерастворен лек, тој влез е строго ограничен и не е отворен за сите сестри од дневната болница.
Сето ова што го кажувам го тврдам одговорно и замолувам пациентите да ни дадат можност да ја вратиме довербата – се вели во изјавата на Клисарова.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК