Македонската ИТ-компанија „Инфинити Енерџи ИТ Солушнс“, која за период од околу една година добила тендери во вредност од 1,5 милиони евра, е дел од групација која во изминативе години постојано се поврзува со Милорад Додиќ, највлијателен политичар во Република Српска и член на претседателството на Босна и Херцеговина, пишува најновиот број на неделникот Фокус.
Според официјалните податоци од надлежните институции, македонската „Инфинити“ е формирана кон крајот на 2020 година. Само 6 месеци подоцна, го добива првиот тендер, така што до денес склучила над 10 договори за јавна набавка во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Притоа, највреден е неодамнешниот договор со МВР, кој изнесува скоро еден милион евра.
Во сопственичката структура на компанијата фигурира еден македонски државјанин, додека доминантен содружник е друга компанија. Станува збор за „Инфинити Интернешнл Груп“ со седиште во Бања Лука, во чии рамки функционираат голем број на компании од разни сектори.
Една од фирмите-ќерки на ИИГ е „Проинтер“, која по формирањето во 2015 година постојано е предмет на интерес на медиумите и опозицијата во БиХ и РС, од причина што оваа фирма веднаш почна да добива милионски средства од тамошните институции, фондови, агенции.
По долги прозивки и провокации дека друштвото е блиско до Додиќ, иако во неговата сопственичка и менаџерска структура официјално се сретнуваат други имиња, тој своевремено во парламентот призна дека неговиот син Игор Додиќ има релација со оваа ИТ-компанија.
–Мојот син (Игор Додиќ) се образуваше во странство. Се врати како економист и се занимава со нови технологии. Не е ниту сопственик ниту управител во таа фирма (се говори за „Проинтер“), ама е соработник на фирмата и од тоа има приходи – рече Додиќ, говорејќи за „успесите“ на своите деца.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски