Премиерот Христијан Мицкоски моментално има 17 надворешни советници, со тоа што на крајот на месецов ќе остане со еден помалку, бидејќи советникот за реформи во здравството, Игор Николов, ќе замине на амбасадорска служба.
Што се однесува до останатите 16 советници, „Фокус“ открива дека меѓу нив е универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски, кој го советува премиерот за европски прашања.
Потоа, Цветко Мицевски е надворешен советник во премиерскиот кабинет за инфраструктура, додека Сашо Марковски е советник за надворешна политика и специјален претставник во процесот на преговори на премиерот со ЕУ.
Понатаму, Јоханес Хајдекер е надворешен советник – експерт за зајакнување на капацитетот на економскиот тим и координација со други министерски ресори при подготовка и имплементација на економски политики.
Дополнително, Лазар Јовевски е надворешен советник за труд и социјална политика, Снежана Трпевска е советник за унапредување на образованието, здравство и социјлна заштита, а Гоце Наумовски е советник за прашања од областа на правото.
Инаку, меѓу советниците има и добро познати поранешни функционери, како поранешниот министер за финансии Зоран Ставревски (финансии и банкарство), поранешниот вицепремиер за економија Владимир Пешевски (стратешки прашања од економијата), поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски (политички и правосуден систем)…
Што се однесува до останатите премиерски советници, тука се поранешните високи функционери од областа на безбедноста, – Љубчо Андоновски, советник за национална безбедност, и Горан Николовски, советник за стратешки прашања од областа на безбедноста.
Исто така, според информациите до кои дојдовме, премиерот го советуваат и Шенер Биљали за односи меѓу заедниците, Мимоза Рајл за култура, Јован Пејковски за политички и економски науки и Даме Димитровски за животна средина и клима.
–Вкупно имам 17 советници, а платите на сите се 60.000 денари, освен за оние кои се со полно работно време. Тоа се тројца или четворица кои се во Владата, и нивните хонорари се 90.000 денари месечно – изјави Мицкоски.
Влатко СТОЈАНОВСКИ