Иако на прв поглед се чини дека режимот на Владимир Путин е ист, од 2000 година па наваму тој има поминато низ темелни промени. Од својот повторен избор, во текот на последниве две години, претседателот создаде и трета верзија на путинизмот.
Првата фаза на путинизмот, која што претежно беше градена од бившиот шеф на претседателската администрација Александар Волошин, траеше од 2000 година до претседателските избори во 2004 година. Таа се темелеше на еден вид колективно управување на т.н. „Јелцинова фамилија“ во која Путин беше првиот меѓу еднаквите. Оваа семејна фирма, пред Волошин, ја водеше премиерот Михаил Касјанов, тајкунот Борис Березовски, ќерката на Јелцин Татјана Дјаченко и зетот Валентин Јумашев, како и неколку други помалку познати имиња. Но, до 2004 година, Путин ги тргна сите останати членови на „фамилијата“, се постави себе како единствен владетел, а бизнисменот Михаил Ходоровски кој ги протежираше Волошин и Касјанов, заврши во затвор.
Втората фаза на путинизмот, чиј главен архитект беше Владислав Сурков, заменик шеф на претседателската администрација, траеше од 2004 година, до зимата 2011-2012 година, вклучувајќи го и времето кога на претседателското место беше Дмитриј Медведев, човекот кој креваше голема врева околу реформите, но всушност не направи никакви промени.
Конечно, третата генерација на путинизмот почна да се развива во октомври 2010 година, кога местото на Сурков го наследи Вјачеслав Володин како шеф на претседателската администрација. Денеска сите овие основни елементи на оваа верзија на путинизмот се на место, па веќе може да се зборува за тоа како ќе изгледа Русија во наредниве неколку години.
СИСТЕМОТ НА СУРКОВ
Со анализата на наследството од кое путинизмот се отараси во третата фаза, системот на Сурков беше заснован на неколку клучни работи:
1. Масовните медиуми (главните телевизиски станици и неколкуте најтиражни весници) ја губат слободата на говорот и стануваат канали за државна пропаганда. Со оглед на фактот што најголемиот број жители своето мислење за животот во Русија и за активностите на политичарите го црпат од телевизиските канали, значи дека резултатот од изборите е однапред решена работа. Режимот тогаш може да си дозволи слобода на говорот на интернет и на помалите печатени медиуми и радио станици: тоа е добар сигурносен вентил за незадоволаната интелигенција или пример за слободни медиуми кога странците ќе почнат да го критикуваат Кремљ поради ограничување на слободите во Русија.
2. Парламентарните избори се засновани на пропорционален систем на затворени партиски листи, што значи дека малите партии лесно можат да бидат исклучени. Доволно е да ги лишите од давање телевизиско време и од потенцијални извори на сериозни суми пари. Луѓето од бизнисот до кои нема да стигне пораката за тоа кои политичари можат да ги поддржат, а кои не, прво се предупредени на тој факт, а потоа, доколку е потребно, се казнуваат.
3. Во парламентот мора да постои официјална опозиција за да се исценира она што Сурков го именува како „суверена демократија“, но не смее да се дозволи процедурите да излезат од контрола. Со помош на мал спин и нескриено местење избори, секоја партија може да освои толку пратенички места колку што Кремљ ќе им одобри, со „Единствена Русија“ секогаш на врвот. На комунистите им се дозволуваат ритуални огласи за тешкиот живот на луѓето и за потребата од соборување на режимот на олигарсите, а на западот се создава илузија дека демократијата не е целосно отсутна од Русија.
Сурков сепак не ја занемари можноста за ослабување на „Единствена Русија“, па за таа прилика смисли таканаречена „двоножна теорија“: едната нога на моќта, се сети тој, во некој момент може да се умори, па тогаш тежината се префрла на друга нога. Разработувајќи ја оваа теорија, Кремљ креираше „резервна“ владејачачка партија која што ја нарече „Праведна Русија“. Ако од било која причина „Единствена Русија“ ја изгуби поддршката од мнозинството, наместо да се брани по секоја цена, во резерва е другата партија под контрола на Кремљ, подготвена да го преземе парламентот и да обезбеди непречен тек на Путиновиот режим.
Сурковиот систем дури и дозволи борба меѓу „Обединета Русија“ и „Праведна Русија“, но само за гласовите за поддржувачите на Путин. Тоа сепак не смее да го слабее режимот, па секоја дебата меѓу нив е далеку од било каква критика на харизматичниот лидер Владимир Путин или пак разоткривање на системските слабости како што е корупцијата.
… И НЕГОВИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА
Сурков меѓутоа не сфати дека статусот на дублер во „Праведна Русија“ ќе предизвика незадоволство против режимот, нешто што на партијата и ветуваше влијателна политичка улога во догледна иднина. Во пресрет на парламентарните избори во 2011 година, избувна незадоволство меѓу делегатите од „Праведна Русија“ кои одбија да се наведнат пред наметнатите рестрикции. Веднаш по спорните избори, им се придружија интелектуалците за кои, според распоредот на Сурков, беше предвидено да седат дома и своите фрустрации да ги изнесуваат на интернет, а не на улица. Наместо тоа, тие се собраа на плоштадот Болотнаја и гласно бараа прво слободни и фер избори, а потоа и целосна промена на режимот.
Иако не го загрозија режимот директно, овие две грешки теоретски беа доволни за системот на Сурков да биде загрозен и исфрлен. Ситуацијата се влоши со се поголеми економски проблеми. После кризата во 2008-2009 година, Русија не беше во можност да се врати на стариот БДП и на стапката на реален раст на приходите, што би осигурало продолжение на Путиновата доминација над политичката арена. Сега се појави опасноста дека и оние апсолутно лојалните гласачи, зависни од телевизиските канали под контрола на Кремљ, порано или подоцна исто така ќе излезат на улица – поради растот на невработеноста и падот на вредноста на платите и на пензиите. Целиот систем на Сурков станува конструиран само врз претпоставката дека поддршката на гласачите ќе се одржи преку монополот Кремљ на телевизиските вести.
СУРКОВ СИ ОДИ, ДОАЃА ВОЛОДИН
Па така, доаѓа времето кога режимот треба да се отараси од Сурков. Володин, неговиот наследник, почнува целосна преобразба на системот и денеска, две години по политичката криза во 2011-2012 година, контурите на третата генерација на путинизмот се доволно јасни за наредна анализа:
1. Суштински е важно да се раздвојат можните протести во сиромашните руски провинции од протестите што ги водат интелектуалците кои чекаат да се вратат на плоштадот Болотнаја. Ако некогаш се спојат овие два текови, тоа ќе претставува сериозна опасност за Кремљ и ситуацијата ќе биде слична како со случувањата во Киев. Стратегијата на Кремљ за спречување на урбанизација на социјални конфликти е усогласената програма за дискредитација на најпознатите лидери на протестите.
2. За да се избегнат што повеќе потенцијални проблеми, парламентот вредно усвојува разни сложени прописи, правејќи го криминално она што во многу држави се смета за нормално. Па, доколку постои потреба да се изврши притисок на некоја личност или организација (вклучително и медиум), секогаш при рака е некој репресивен закон или одлука, на пример за промоција на хомосексуалноста, навреда на чувствата на верниците или заговори за распад на Руската федерација.
3. Избраниците можат ова да го прават до недоглед, бидејќи што повеќе рестрикции произведуваат, толку поголем е стравот кај обичните Руси дека ќе се огрешат по овој или по оној закон: наскоро ќе биде невозможно да се набројат сите. Проблем на врат кај обичниот граѓанин може да донесе и обичен пост на блог или на социјалните мрежи. Целта на режимот, секако, не е да ги стави сите блогери во затвор, но доволно е да се знае дека секој може да биде приведен или опоменат поради кршење на некоја одлука или закон. Сличен систем на сузбивање на различни мислења беше користен во минатото, кога КГБ беше под водство на Јуриј Андропов и се покажа прилично успешен: голем број луѓе порадо ќе отстапат од своите ставови отколку да ризикуваат да одат во затвор.
4. Ако интелектуалците кои протестираат се изолираат од јавноста, полесно ќе биде да се врши влијание врз масата со помош на новата идеологија. Таква идеологија заснована на конзервативни принципи, веќе се развива; Сурков можеби ги нафрли основните идеи, ама Володин ги применува во практика. Благодарејќи на пропагандистите од Кремљ, како што е Дмитриј Кисељов, гласачите од година во година се се погорди на својата држава, без разлика дали тие чувства се втемелени и во реалноста.
5. Образовниот систем во Русија исто така се обликува во согласност со новата идеологија. Тоа јасно се гледа и од неодамна откриениот нацрт на новиот стандард на правење на учебникот по историја во средните училишта, кој не само што ги разубавува непријатните моменти од руското минато и сегашност, туку со специфични методи ги спречува добрите наставници да им даваат дополнителни информации за минатото на напредните студенти. Секое отстапување од наставниот план значи кршење на законите и последици за наставниците.
АКО НЕ МОЖЕШ ДА ГИ КУПИШ ГЛАСАЧИТЕ, ИСПЕРИ ИМ ГО МОЗОКОТ
Влошената руска економија и недостигот од пари го отежнува купувањето гласови, па со помош на стап и моркови се купуваат политички активисти на теренот. Путин и нареди на централната изборна комисија да подготви нацрт закон за новите правила за извори за рускиот парламент.
Засега, сите претставници на Думата (долниот дом на федералното Собрание) се бираат со пропорционален систем заснован на партиските листи, но претседателот планира да го врати системот кој беше на сила до 2003 година, а според кој една половина од избраниците на Думата ќе се бира по пропорционален, а другата половина по мнозински систем. Зад ваквиот потег лежи уверувањето дека зависноста на Кремљ од „Единствена Русија“ и „Праведна Русија“ со време ќе слабее.
Дури и во одредена изборна единица да победи најдобриот кандидат – ќе му се изнесе понуда која што не ќе може да ја одбие. Па дури и да ја одбие, ќе се лансира кампања со која на гласачите ќе им се презентира дека претставникот е криминалец, непријател на народот со перверзни цели и агент на секоја можна разузнавачка служба во светот.
Третата генерација на путинизмот е сложен, но доследен систем со меѓусебно комплементарни состојки, како што беше и претходната верзија на Сурков. Новиот, тврдокорен модел настана како одговор на руската економска стагнација. Без пари за купување гласови, потребно е да се прибегне кон масовно перење мозок, со цел кај гласачите да се поттикне „безусловната љубов кон режимот“.