Пишува
Стојан АНДОВ
Шефовите на тајните служби во јавноста многу ретко настапуваат, а до неодамна нивните имиња беа еден вид државна тајна. Сашо Мијалков со своите постапки и интервенции во јавноста, спротивно на светската пракса, ги зајакна импресиите дека е тој над законите и дека своето делување, кога настапува како личност, не чустува потреба да го подреди на законот, туку со спроведувањето на законот очекува да се визираат неговите ставови и постапки. Тоа е премногу.
Сашо Мијалков е млад човек, и мој совет е да престане со такви постапки кои често имаат вкус на лични одмазди, а да се задоволи со вршењето на својата функција во рамките на законот и Уставот. Времињата се менуваат. Тој со имиџот што си го создава како „цврста рака во власта”, ќе има големи проблеми во иднина.
Неговиот однос кон јавноста и кон медиумите дава лоша светлост на целата слика за работата на владата и правосудството. Затоа му советувам веднаш да прекине со такво однесување, да се подреди на законите и на практиката која мораат да ја почитуваат и така високи државни функционери.
Прв чекор што треба да го направи е да ги повлече сите тужби против новинари и политички противници. Со тоа да ги ослободи судовите од неизбежноста да се резилат пред домашната и меѓународната јавност. Драстичен е неговиот случај со Фокус.
Затоа, покрај повлекувањето на обвиненијата против тој медиум, треба јавно да им се извини на тужените. Би бил навистина задоволен ако Сашо Мијалков сфати дека со оваа моја интервенција сакам само да му помогнам.