Пишува
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА
Министерката за култура, Елизабета Канческа -Милевска, од портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, бара 11.000 евра обештетување за навреда на честа и угледот. Односно, денеска во Основниот суд Скопје 2, се одржа подготвителното судско рочиште меѓу Шилегов и Канческа, бидејќи на почетокот на годината, министерката поднесе тужба против портпаролот, поради обвинувањата дека направила злоупотреба со финансирањето на проектот „Скопје 2014“.
Подготвителното рочиште се одложи за 17 април, или точно меѓу двата изборни круга за претседателските избори, бидејќи адвокатот на Канческа, Антонио Апостолски, му понуди на Шилегов процесот да го завршат вонсудски, односно јавно да се извини.
-Имајќи предвид дека тужителот е функционер и истиот е подложен на набљудување на целокупната јавност, а исто така имајќи предвид дека тужителот е угледен граѓанин, овој напис предизвика огромна нематеријална штета, која се состои од претрпување на душевни болки поради повреда на угледот, честа, слободата и правото на личноста, се наведува во тужбата, која правниот застапник на министерката, адвокатот Апостолски, ја доставил до судот.
Министерката, како што се наведува во тужбата, била навредена од зборовите на Шилегов, со кои бараше нејзина одговорност за проектот „Скопје 2014“.
-Госпоѓата Канческа -Милевска се обидува да ја одбегне и одговорноста за скандалите поврзани со начинот на кој што се трошат парите на граѓаните и на кој начин се спроведуваат јавните набавки поврзани со проектот “Скопје 2014“. Дали на овој начин се испумпуваат милионски суми пари од граѓаните кој што потоа се слеваат во џебовите на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и дали заради ова се уште од јавноста се крие основниот договор за изведба на Стариот театар…, дел од изјавите на Шилегов, од кои министерката била навредена.
Адвокатот на Шилегов, Филип Медарски, пак, во одговорот на тужбата што ја доставил до судот, бара тужбата да се отфрли како неоснована, бидејќи „клеветничките“ изјави, кои биле презентирани во тужбата, биле извадени од контекст.
-Тужениот никаде тужителката директно не ја обвинува за некаков криминал, туку ги искажува сомневањата во врска со тоа, на што има легитимно право, бидејќи постапува во заштита на јавниот интерес (така тој зборува за постоење на посновно сомневање дека истата сторила злоупотреба), се вели во одговорот на тужбата, поднесена од адвокатот Медарски.
На денешното рочиште не се појави ниту министерката, ниту потпаролот, бидејќи нивното присуство не е задолжително.
Неодамна, потпаролот на СДСМ, за клевета го тужеше и министерката Гордана Јанкуловска. Првостепениот суд одлучи дека Шилегов треба да и плати над 8.000 евра на министерката за лекување на душевните болки кои и ги нанел.