По речиси тридецениска ангажираност во граѓанското општество, Каранфилова-Пановска одлучи дека е дојдено време да почне да се занимава со политика, прифаќајќи ја поканата на Филипче да стане заменик-претседателка на СДСМ.
Иако реномето на политичките партии е многу извалкано и граѓанското ангажирање во политичка партија е сведено на „ерес“, сепак, Каранфилова смета дека сите што имаат знаење и интегритет, не треба да бегаат од партиско-политичкото организирање.
Притоа, таа смета дека СДСМ во минатото направил многу грешки во делот на справувањето и санкционирањето на корупцијата, дека не посветил доволно внимание за обезбедување широк општествен консензус околу преговарачката рамка со ЕУ, како и дека го заборавил она „нема правда, нема мир“ од Шарената револуција.
Затоа, порачува дека опозициската партија во иднина не смее да си дозволи потфрлања во носечките столбови на социјалдемократската идеја и дека мора сериозно да го спроведува принципот на заслуги заради квалитет, компетенции и стручност во селекцијата на кадрите што ќе работат на креирањето и реализацијата на политиките.
Според неа, СДСМ добивал секогаш кога бил доследен на вредностите на својата опција и губел секогаш кога бегал од својата вредносна оска и се претворал во бледа копија на оригиналот.
Новата заменик-претседателка на СДСМ во интервју за „Фокус“ истакнува дека нема да кокетираат со национализмот, нема да поттикнуваат реторика на омраза и поделби и нема да толерираат застранување од вредностите на солидарност и грижа за сите, особено за најранливите, туку ќе докажат дека се патриоти низ заедништво, себепочитување и почит кон граѓаните, како и низ спроведување инклузивни политики, кои носат напредок.
Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК