Џон Пол Њумен: Не може да се негира македонскиот идентитет по Првата светска војна

by fokus

Професорот Џон Пол Њумен предава историја на Европа во 20 век на Универзитетот Мејнут во Ирска и важи за еден од највлијателните европски историчари од помладата генерација. Докторирал на Универзитетот во Саутемптон, а постдокторските студии ги продолжил во Даблин, во Центарот за воени студии. Фокус на неговиот академски ангажман е, пред сѐ, историјата на Источна Европа и поранешна Југославија во периодот меѓу двете светски војни.

Автор е на книгата „Југославија во сенка на војната“ со поднаслов „Воените ветерани и создавањето на новата држава (1903-1945)“, во која како неутрален набљудувач ја анализира оставштината од Првата светска војна, чии последици, како што е забележано во предговорот на книгата, до денес ја нагризуваат Европа и ги креираат политичките прилики на Балканот. Иако доста критички гледа на српската политика меѓу двете светски војни, куриозитетно, во регионов единствен издавач на неговата книга е белградски Службени гласник, додека англиското издание е на реномираната издавачка куќа Кембриџ јуниверзити прес.

На прашањето што го инспирирало истражувачкиот фокус да го насочи кон современата историја на Балканот, Њумен одговара дека иако потекнува од Англија, интересот за Балканот произлегува од неговиот интерес за европското искуство од Првата светска војна и чувството дека тоа не било помалку важно за општествата во Југоисточна Европа од она што било за неговата земја.

Благодарение на одличното познавање на српскиот јазик, имал можност да пристапи кон архивската граѓа во сите поранешни републики на СФРЈ и, како резултат на тоа, од неутрална перспектива да понуди нови погледи на овој историски важен период за сите народи од поранешната држава. Разбирливо, најголемиот дел од разговорот за „Фокус“ е посветен на неговите сознанија за „македонското прашање“ во периодот меѓу двете светски војни.

Одговорите му се со критички пристап кон минатото, необременети со сентимент и емоции, туку втемелени на академска дистанца и објективност, провоцирајќи преку нив да се прашаме дали псевдомитологијата сѐ уште доминира во историските читанки на Балканот, но и во Европа.

Разговарал
Ненад ЖИВАНОВСКИ

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК