Министерката за енергетика Сања Божиновска, министерот за култура Зоран Љутков и поранешната вицегувернерка на Народна банка Маја Кадиевска-Војновиќ веќе не се дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, додека нов член на раководството на владејачката партија е Благоја Ташаминов, дознава „Фокус“.

Сања Божиновска, министерка за енергетика
Како што вели висок партиски функционер, не станува збор за суштински, туку за козметички измени, чија цел е министрите Божиновска и Љутков целосно да се посветат на државните функции, како и на раководењето на партиските комисии за енергетика и култура.

Зоран Љутков, министер за култура
Во врска со Кадиевска-Војновиќ, пак, треба да се наведе дека таа се споменуваше како кандидат кој е во најтесна конкуренција за иден гувернер на Народната банка заедно со ексминистерот за финансии Зоран Ставрески, но новите неофицијални информации говорат дека ќе се посвети на ангажманот во една приватна банка.

Маја Кадиевска-Војновиќ, поранешна вицегувернерка
Што се однесува до новиот член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Ташаминов, тој порано бил дел од кабинетот на директорот на Агенцијата за разузнавање, но бил и шеф на кабинет на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во време кога таа беше дополнителен заменик-министер за финансии во техничката влада во 2020 година.

Благоја Ташаминов во својство на шеф на кабинет на Гордана Димитриеска-Кочоска
Инаку, овие промени во извршното тело на ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат брзо откако партијата постигна убедлива победа на двојните избори и формираше стабилна влада, која се потпира безмалку на двотретинско мнозинство во парламентот.
Влатко Стојановски