Агим Красниќи кој беше дел од „кондовската група“ и Сехат Рамадани вчера биле екстрадирани од Косово, дознава „Фокус“.
По претходно дозволена екстрадиција тие се сместени во затворот во Штип за доиздржување на затворската казна на која беа осудени.
Красниќи чие село Кондово на почетокот на двеилјадитите години беше држава во држава, по четири години бегство беше уапсен на Косово на крајот на април.
Тогаш вестите од Косово беа дека Красниќи во Урошевац бил уапсен аедно со неговиот брат, Бесим Красниќи, Фадил Точи и Сехат Рамадани.
Агим Красниќи во Косово се сомничи за убиство во обид, додека Рамадани и Точи за учество во тепачка во Урошевац, а Македонија ги бара сите четворица со меѓународна потерница.
Красниќи заедно со Рамадани во 2020 година не се вратија во штипскиот затвор по слободен викенд. Две и пол години користеле викенди и одмори, но во февруари пред четири години не се појавиле на затворските капии.
Треба да одлежат уште околу три од вкупно 15 години затвор на кои беа осудени во 2008 година.
Тие беа осудени за повеќе кривични дела поврзани со насилство, киднапирање, изнуди и нелегално оружје.
Красниќи беше дел од озлогласената „кондовска група“, која во 2004-та и во 2005-та соработуваше со повеќе осомничени насилници од Косово, кои се криеја во предградието на Скопје и се закануваа дека ќе го бомбардираат.
Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи кои се надлежни за транферот во Македонија.
Ф.Ф.С.