Една недела пред Новата година, јавноста се уште ги нема деталите околу забавната програма за дочекот која ќе се одржи на плоштад, бидејќи од Град Скопје немаат излезено со официјално соопштение.
Сепак, како што дознава ,,Фокус”, програмата била подготвена веќе извесен период, а на музичарите кои ќе настапат им било кажано да не објавуваат на своите профили, со цел изненадувањето да биде поголемо.
Според информациите со кои располагаме, настанот ќе започне околу 20.30 или 21 часот на 31-ви декември, со настап на групата Саут Парк, која ќе изведува светски музички хитови. Потоа следува настап на групата Дупер со македонски авторски песни.
Околу 22 часот на сцената ќе излезат Мераклиите од Мерак Меана, Скопски боеми, најпрво во придружба на Ристо Самарџиев со неговите најголеми хитови.
Потоа следуваат настапи на Наум Петрески, Благица Павловска, Ферус, Зуица Лазова, Ленче и Горан Кукиќ и други. На крај ќе настапи Елена Ристеска, со која најверојатно присутните ќе влезат во Новата 2023 година.
Нашите извори, поврзани со организацијата на настанот велат дека очекуваат многу народ на плоштад. Мерак меана е познат бренд кој има огромна популарност и гледаност, и сите пејачи важат за искусни професионалци кои можат да направат одлична атмосфера.
-Има по нешто за сечиј вкус. И забавна и народна музика, музички имиња кои имаат изградени кариери и си ја знаат работата. Покрај Мераклиите од Мерак Меана, тука се Благица Павловска, Ферус, Наум… нема сомнеж дека дочекот ќе помине доста забавно – откриваат за ,,Фокус”.
Вики Клинчарова