Со пцовки, погрдни зборови, но и физички, екипата на ТВ 24 беше нападната додека снимаше инсерти пред куќата во која според официјалните документи е пријавено престојувалиштето на контроверзниот украински олигарх Олександр Онишченко.
Сопственикот на куќата извесен Миле од скопско Пржино најпрво со недолично одмесување и одговори на барањето на екипата за изјава, а потоа и физички го нападна снимателот Љубиша Игнатов, кој сите инсерти ги снимаше надвор од неговиот имот.
За инцидентот е известено министерството за внатрешни работи од каде велат дека веднаш по пријавата се преземени мерки за расчистување на случајот.
– Веднаш по добиената пријава, СВР Скопје презема соодветни мерки и активности за расчистување на случајот. Веднаш по расчистувањето соодветно ќе ја известиме јавноста – велат од МВР.
Од Здружението на новинари Македонија бараат МВР и ОЈО итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот.
– ЗНМ бара од МВР да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. ЗНМ веднаш контактираше и со Скопското јавно обвиителство со обвинителката Искра Хаџи Василева која е назначена за предмети поврзани со напади врз медиумски работници за понатамошно процесирање на случајот. ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал колегата снимател Игнатов и го спречил физички да ја изврши својата работа – велат од ЗНМ.
Синдикатот пак им даде рок до утре на институциите да го решат случајот.
повеќе на ТВ 24.мк