Словачка нема да биде „заложник“ на украинско-руските односи, му порача словачкиот премиер Роберт Фицо на својот украински колега, Денис Шмихал, откако Киев ја санкционираше руската групација Лукоил, што доведе до прекин на испораката на нафта.
Словачка и Унгарија неделава објавија дека престанале да добиваат нафта од нивниот најважен снабдувач Лукоил, откако Украина минатиот месец забрани транспорт на нафтата на руската енергетска компанија преку нејзина територија.
За Словачка тоа значи губење на залихи за рафинеријата Словнафт, која е во сопственост на унгарската групација за нафта и гас МОЛ.
Канцеларијата на словачката влада објави дека Фицо имал телефонски разговор со украинскиот премиер Денис Шмихал и му рекол дека Словачка нема намера да биде „заложник на украинско-руските односи“.
Словнафт ќе добие 40 отсто помалку нафта за преработка отколку што му е потребно, соопшти владата, што најверојатно ќе ги погоди словачките пазари и исто така ќе доведе до прекин на испораките на дизел на Словнафт во Украина.
„Внесувањето на Лукоил на листата на санкционирани е само уште еден пример за неразумни санкции кои нема да влијаат на Руската Федерација, туку главно на некои членки на Европската унија, што е неприфатливо“, се вели во соопштението на канцеларијата на Фицо.
Словачкиот премиер долго време ги критикуваше санкциите против Русија, а откако дојде на власт по четврти пат минатата година, престана да испраќа воена помош за Украина, а критичарите велат дека води надворешна политика премногу блиска до Москва.
И додека ЕУ веќе воведе санкции за руската сурова нафта, некои земји како Словачка беа исклучок за да им се даде повеќе време да се префрлат на алтернативни извори.