Фирмата што ја чисти владата и министерствата под истрага

by fokus

Фирмата која со години ја чисти владата, министерствата односно објектите на државната управа е под истрага за злоупотреба на постапка за јавна набавка.

Обвинителството вчера излезе со соопштение дека управител и фирма се осомничени за злупотреба на јавна набавка без да го наведе името на фирмата, но според нашите информации станува збор за фирмата „Серта“ која неколку години со ред ги добива овие тендери.

Последниот договор со владата оваа компанија го склучила во 2021 година за одржување на хигиена и тековно одржување на објектите на државната управа и за чистење на објекти за период од три години.

Според обвинителството, управителот на фирмата во 2018 година свесно ги повредил прописите за постапката за доделување договор за јавна набавка на средства за хигиена спроведена од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Како дел од конзорциум кој учествувал во постапката за јавната набавка, осомничените поднеле невистинита документација и оствариле имотна корист за фирмата.

-Со приложената невистинита документација осомничените биле избрани во постапката и со нив бил склучен Договор за јавна набавка со вкупна вредност од 209.999.304,00 денари без ДДВ за период од три години. Врз основа на овој договор, обвинетиот и неговото правно лице биле исплатени износ од 60.691.261,00 денари со ДДВ, односно 25% од вкупниот износ исплатен кон конзорциумот, се вели во соопштението.

И во 2021 година истата компанија, како дел од група фирми, се јавило во постапка за јавна набавка на средства за хигиена спроведена од Службата за општи и заеднички работи на Владата.

-Повторно врз основа на лажни документи, бил склучен договор со осомниченото правно лице како носител на групната понуда и му биле исплатени 21.497.105,50 денари со ДДВ за извршување на обврските по јавната набавка, односно 40% од вкупниот износ на договорот, соопштуваат од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје сопственикот да се определат мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, привремено одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за располагање со парични средства од банкарските сметки на правното лице.​

Засега нема реакција од Владата, а директор на Службата за општи и заеднички работи при владата е Пеце Мирчески.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости