„Фокус“ вчера објави дека градежната фирма „Еуровиа“ од Желино го доби тендерот од Министерството за надворешни работи за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за министерската конференција на ОБСЕ која ќе се одржи во Скопје. Договорот е склучен на 21 август, а работниците веќе започнаа да работат во „Борис Трајковски“.
Тендерот е во вредност од 1,8 милиони евра, a според документацијата, предмет на тендерот е „Набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во функција на одржување на Конференцијата на Министерскиот совет во рамки на претседавањето на Република Северна Mакедонија со ОБСЕ, во декември 2023 година“.
Денеска од македонското МНР соопштение дека „избраната компанија беше далеку поевтина од останатите компании, а изборот е целосно транспарентен и согласно процедурите“.
„Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за надворешни работи, како носител на буџетот за претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, да спроведе постапка за набавка на градежни и други работи и услуги за реализација на внатрешната адаптација и надворешно уредување на Спортскиот Центар БОРИС ТРАЈКОВСКИ во Скопје за одржување на Конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ. Станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој некогаш се организирал во државата на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи на земјите учеснички на ОБСЕ“ велат од МНР.
Оттаму велат дека „адаптацијата на објектот на спортскиот Центар Борис Трајковски задолжително мора да се направи почитувајќи ги стандардите и безбедносните протоколи на ОБСЕ. Овој настан секоја земја претседавач го организира на крајот на годината од своето претседателство. За таа цел беа направени соодветни проценки на потребните работи кои беа одобрени од централата на ОБСЕ, а кои предвидуваат голем обем на работи утврдени со техничка спецификација согласно барањата на организацијата“.
Прецизираат дека „на јавната набавка се пријавија вкупно четири компании а изборот на изведувач на работите се вршеше врз основа на понудена најниска цена. Избраната компанија имаше понудено убедливо најниска цена, која достигнува разлика и до два и пол пати пониска од трето-рангираната и четврто-рангираната компанија. Увид во постапката и изборот кој е целосно согласно процедурите имаат сите институции и јавноста, а одлуката ја потврди и второстепената Комисија. За предвидените работи беше склучен договор во рамковен износ до 95 000 000 денари, а ќе се искористи согласно потребите и поединечните цени понудени како најниски за извршените работи“.