Во последните два месеца се зголеми интересот за акциите на компанијата „Македонија Турист“ која поседува неколку големи хотели во Скопје.
Нов акционер во хотелско-угостителската компанија е друштвото за трговија, производство и услуги М.Г. Фешн ДОО Увоз-извоз од Скопје, кое поседува акционерски пакет од 7,69 проценти од вкупниот број обични акции на компанијата, односно 34.795 акции.
„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Друштво за трговија, производство и услуги М.Г. Фешн доо увоз-извоз Скопје поседува 34.795 односно 7,69% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, објави компанијата на берза.
Минатиот месец највисоката цена на акциите на „Македонија турист“ беше 9.200 денари, а просечната цена 8.293 денари. М.Г. Фешн како нов акционер поседува акции во вредност од над пет милиони милиони евра ако се земе во предвид просечната вредност на една акција.
М.Г. Фешн 20 години е застапник на некои од најпознатите светски брендови чии франшизи ги поседува, а стана позната по изградбата на висококатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“ кој пак е во сопственост на „Македонија турист“.
Во турбулентниот октомври, претходно акционерот Соња Бибановска која беше бизнис-партнер на Доне Таневски ги продаде своите акции од
компанијата.
„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје,известуваме дека акционерот Соња Бибановска продаде 50.953 обични акции односно 11,27% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД и сега не поседува акции во Друштвото“, објави Македонска берза.
Пензионерката Соња Бибановска ги продаде сите нејзини акции со право на глас (вкупно 50.953 акции) по цена од 11.070 денари за акција и во еден ден инкасира 9,2 милиони евра од продажбата. Таа досега беше втор најголем поединечен акционер во таа компанија.
Во истиот месец, со 6,2% од акциите во „Македонија турист“ се стекна компанијата „Изо Стоне дооел Тетово“ која гради згради наспроти ФОН во населба Аеродром.
„Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Друштво за производство и услуги Изо Стоне дооел Тетово, поседува 29.942 односно 6,62% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“.
Покрај М.Г. Фешн, други значајни акционери на „Македонија турист “се Доне Таневски, со пакетот од 23,4 отсто, потоа Сава пензиски фонд има 8,8%, Симеон Павлов поседува 8,19 %, компанијата „Изостоне “располага со 6,62 проценти од капиталот, додека и самата „Македонија турист “ поседува 10 отсто сопствени акции. Уште околу 380 домашни физички лица поседуваат помали проценти акции во „Македонија турист “.
Таневски сега е претседател на Надзорниот одбор, а неговата ќерка Мирјана Таневска е претседател на Управниот одбор и оперативно ја води компанијата која располага со најмногу хотели во Македонија и сите се во главниот град.
Оваа компанија ги поседува скопските хотели „Холидеј Ин“, „Карпош“, „Бест Вестерн“, „Белви“, „Водно“, „Јадран“ и „Бристол“.
Друштвото во текот на 2023 година од работењето со хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности остварило добивка од 96,39 милиони денари или нешто над 1,5 милиони евра која е тројно зголемена во однос на 2022 година кога изнесувала 30,88 милиони денари.
Компанијата не се занимава само со хотелски бизнис туку и инвестира во акции, има удели во фондови и во депозити, а сето тоа е вредно 22 милиони евра.
Само во „Комерцијална банка“, хотелската компанија има околу 4 отсто од сите акции на банката која соопшти дека остварила добивка од 72 милиони евра.
Орце Костов