Фирма „Блацион”, стационирана во Софија, чиј управител е македонскиот државјанин Блаже Игнатовски увезла отпад од Италија кој пристигнал во бугарското пристаниште Варна, објави бугарската БТВ Новините.
Обвинителството во Варна покренало истрага за товарот по информациите за нарушување на редот за прекуграничен пренос на отпад. Според информациите на телевизијата, засега нема приведени лица.
Испраќач на товарот е фирмата „Дентиче Пантелоне” од италијанскиот град Авелино. Според информациите на Регистерот на компании во Бугарија, покрај Игнатовски, содружници во фирмата се македонскиот државјанин Горан Ангелов, кој е директор на депонијата „Дрисла“ и италијанските државјани Енцо Боче и Винченцо Трасари.
Надлежната обвинителка Невена Илиева посочи дека отпадот што стигнал во Варна се разликува од декларацијата во царинската документација. Имено, наместо пријавените пластични отпадоци и каучук, во балите имало различни други текстилни, стаклени и дрвени отпадоци.
Според описот во Регистарот е наведено собирање, третман и трговија со отпад од домаќинствата, а сега истражните органи проверуваат дали фирмата „Блацион” имала лиценца за преработка на отпад и дали содржината на 25-те контејнери е во согласност со дозволата.
Друг прекршок во врска со овој товар е што отпадот не е вакумиран и балиран, како што налага законот за прекуграничен пренос на отпад.