Од денеска Финска и официјално е членка на НАТО откако финскиот министер за надворешни работи, Пека Хаависто во Брисел го депонираше инструментот за пристапување до САД. Таа е 31вата земја што и пристапува на Алијансата, по С. Македонија која стана членка пред околу три години.
„Ова е историски ден“ – оцени генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг.
Финскиот претседател, Саули Нинисто, пак, порача дека пристапувањето на неговата држава во Алијансата не е насочено против ниту една земја.
„Членството на Финска во НАТО не е насочено против никого. Тоа не ги менува ниту основите или целите на надворешната и безбедносната политика на Финска“ – напиша тој на Твитер.
Финското знаме ќе биде поставено пред седиштето на НАТО по азбучен редослед на државите, помеѓу знамињата на Естонија и Франција.
Одлуката на Финска да стане дел од НАТО стави крај на повеќедеценискиот неутрален статус на земјата во услови на согледани безбедносни ризици поради целосната инвазија на Русија на Украина. Веднаш стигна реакција од Русија.
„Проширувањето на НАТО е напад врз нашата безбедност и националните интереси на Русија. Русија ќе биде принудена да преземе соодветни контрамерки“ – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.