Унифицирана национална платформа за онлајн-настава со двонасочна комуникација во сите училишта во Македонија подготвува Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Целта е таа да биде готова до 15 септември и да може во исто време да опслужи 200-300 илјади корисници, вели вон. проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на ФИНКИ.
– ФИНКИ и МИОА го оформија предлогот за единствена национална платформа за унифициран и координиран начин на онлајн-настава со двонасочна комуникација. Инфраструктурата и системот веќе се подготвуваат, а воедно се организираат и останатите организациски и координативни активности – вели проф. д-р Боро Јакимовски за Факултети.мк.
Јакимовски објаснува дека на платформата наставниците лесно ќе можат да објавуваат наставни материјали, да прикачуваат содржини, надворешни ресурси, како и да поставуваат домашни задачи, наставни листови и сл. Платформата ќе биде интегриран систем во чии рамки наставникот ќе може да спроведува и онлајн-час на многу едноставен начин.
– Ќе направиме околина која ќе овозможи добро структурирање на содржините, каде што секој наставник ќе има слобода да ги доуредува содржините за своите ученици. Ќе се направат напори и за интегрирање на постојните содржини на автоматизиран начин. Платформата ќе биде хостирана на инфраструктурата ФИНКИ и МОН (со која управува ФИНКИ), при што ќе се изврши интеграција со останатите системи на МОН и ќе се обезбеди поедноставена администрација. Иако имаме големо искуство, ни претставува предизвик да се направи систем кој истовремено ќе опслужува 200-300 илјади корисници – вели Јакимовски.
Тој се надева дека набрзо ќе завршат со имплементацијата за што поскоро да се започне со обуки, а и да се изготват соодветни материјали и упатство за користење.
– Плановите ни се сè да биде подготвено до 15 септември, со некои активности да се заврши и порано, но поради комплексноста и обемноста на системот, можни се одложувања. Во секој случај, ќе има предизвици! Верувам дека преку соработката со ИТ-индустријата, телеком-операторите и надлежните институции ќе се изнајдат соодветни решенија – вели Јакимовски.
На прашањето кој е минимумот од опрема и технологија што секој ученик треба да го има дома за да може да следи настава, Јакимовски одговара:
Се планира во претстојниот период да се организираат средби и состаноци со наставниците и учениците, со цел да се добијат сугестии за подобрување на платформата. Исто така, пред да биде пуштена во употреба, ќе се направат пилоти во неколку училишта за рано да се увидат некои недостатоци, пред активно да се пушти во употреба. МАСИТ покажа иницијатива и ја става на располагање сета свој експертиза, со цел воспоставување подобра платформа.
– Немаме многу време, нема да биде едноставно, но не е невозможно – дециден е Јакимовски.