Финансиската конструкција за „Сејф сити“ не е мала – Спасовски очекува да обезбеди пари

by fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува наскоро да биде завршена финансиската конструкција за новиот систем „Безбеден град“ (Safe city) бидејќи постоечкиот не може да контролира сообраќај, а идејата е да се направи систем којшто покрај за јавната безбедноста, ќе се користи и за контрола на сообраќајот.

– Во однос на „Безбеден град“ ја правиме финансиската конструкција која не е мала. Јас очекувам дека наскоро ќе ја заокружиме таа финансиска конструкција и ќе го започнеме процесот. Ќе барам секако поддршка и од вас медиумите и од граѓаните во однос на реализацијата на овој проект, бидејќи ќе биде многу важен, бидејќи ќе го исклучиме човечкиот фактор, нема да имаме селективност во ниту еден случај, ќе биде транспарентно и јас се надевам дека тоа многу ќе помогне во подигањето на јавната свест за сообраќајната култура, генерално кај граѓаните на Северна Македонија, нагласи Спасовски.

Тој посочи дека за проектот се потребни поголеми финансиски средства, за кои очекува дека ќе бидат обезбедени и додаде дека постојат неколку модели кои ги разгледуваат.

Спасовски објасни дека тоа не мора да значи надградба на постоечкиот систем, туку може да се одлучи за друго решение – јавно-приватно партнерство, вложување во друга компанија или слично. Според него, треба да се одбере опцијата која што е најповолна за МВР и за државата.

– Инаку кој и да го одбереме од тие системи ќе мора да има одржување. Тука немаме дилема. Дали ќе имаме ефикасност? Јас истакнав дека очекувам пред се системот да помогне во јакнењето на јавната свест. Гледате колку се подобрени резултатите со тоа што колегите се нон стоп на патиштата и нон стоп во контрола. Имаме сериозно намалување на бројот на жртви во сообраќајот. Во 2013 имавме 198 жртви, 2021 имаме 11 жртви. Тоа е благодарение на посветеноста и на работата или ако сакате од моментот додека јас раководам со МВР. Од 2016 година до денеска, имаме постојан пад на жртвите во сообраќајот, намалувањето на тешки телесни повреди, на сериозни штети итн. Ова е комплексен проблем. Мора и образовниот систем да преземе дел од одговорноста затоа што сообраќајната култура се стекнува од мали нозе, меѓутоа наше е да направиме се за да го подобриме тој систем на безбедност на патиштата, посочи Спасовски.

Инаку на поранешниот генерален секрета во владата, Драги Рашковски му се суди за набавка на софтвер за сообраќајни казни и прекршоци кој исто така требаше да го исклучи човечкиот фактор, но Спасовски тврдеше дека на МВР не нарачал ваков софтвер.

 

Поврзани новости