Управата за финансиска полиција се уште не открива што утврдиле по влезот во Град Скопје, од каде што одземаа документација со цел да истражат како се потрошени 30.000 евра за новогодишното украсување. Градоначалничката Данела Арсовска не го објави јавно договорот за украсување, ако воопшто постои, по што следуваше реакција од Управата.
-Управата за финансиска полиција превзема мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност, поврзани со начинот за новогодишно украсување на Градот Скопје, ни одговорија од Управата за финансиска полиција на прашањето до каде е постапката.
На нашето прашање дали воопшто имало јавен повик и склучен тендер, од Управата посочуваат дека засега не можат да споделат детали со јавноста.
-Управата за финансиска полиција согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, обезбедува докази и материјали во врска со темата од Ваш интерес. По анализа на истите, имајќи предвид дека согласно член 289 од Законот за кривична постапка сите дејствија превземени во предистражна постапка се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија со соодветен писмен поднесок ќе биде известен надлежниот јавен обвинител, ни одговорија од Управата за финансиска полиција.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска тврдеше дека е склучен тендер за новогодишното украсување на градот, но сепак таа не го објави, а истиот не е објавен ниту на сајтот на Бирото за јавни набавки. Таму ги има сите претходни договори на градот, за минатите украсувања, но не и за минатата година.
Како што неофицијално дознаваме, набавката била предвидена во некоја од програмите на Градот, но дали се било според законската регулатива ќе треба да открие Управата.
Валентина Вурмо