Финансиската полиција влезе во Клиниката за торакална хирургија и ја проверува работата во последните седум години. Претходното раководство на клиниката направило долг од 4,6 милиони евра, а во овој период директор на клиниката беше Неџати Јакупи, член на ДУИ, поранешен пратеник и министер за животна средина.
„Во управата е оформен предмет по поднесена пријава за неправилности во ЈЗУ УК за торакална и васкуларна хирургија, согласно надлежностите. Од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција се извршени проверки од каде е обезбедена целокупната документација во копија, верна на оригинал во однос на спроведени повеќе постапки за јавни набавки, како и друга документација во врска со реализација на склучени договори и истата во моментов е предмет на анализа. Дополнително, при извршените проверки, е обезбеден и извештај од извршен попис со цел расветлување на случајот и утврдување на фактичката состојба, а на вработени службени лица во клиниката им се дадени насоки за докомплетирање на документацијата“, велат од финансиската полиција за ТВ Телма.
Управата за финансиска полиција ја проверува документација за јавните набавки од 2017 до 2024 година.