Истражители од Финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи во скопски „Водовод“ го истражуваат спорниот тендер за Пречистителната станица на Вардар вреден 136 милиони евра.
Од Обвинителството за „Фокус“ објаснуваат дека јавен обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е известен за нивното постапување, но велат дека засега Обвинителството има консултативна и координативна улога.
-Доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности., велат за „Фокус“ од Обвинителството.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска утрово изјави дека финансиската полиција и обвинителството од вчера се влезени во Водовод и дека го истражуваат спорниот тендер.
– По мои информации, од вчера е влезена финансиска полиција и ОЈО за организиран криминал. Си постапуваат по допрен глас, рече Арсовска.
Токму поради овој тендер започна јавната „војна“ меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партија којашто ја поддржа на локалните избори.