Досието за стечајната постапката на градежната компанија „Трансмет“ на Сеад Кочан што ја води скопскиот граѓански суд го земала Финансиската полиција, информираа за Фокус од судот.
„На барање на Финансиска полиција на ден 17.03.2022 година предметот е испратен во наведената институција. Така што во моментот предметот физички не се наоѓа во судот“, велат од таму.
Од Финансиската полиција на чело со директорот Арафат Муареми ни потврдија дека целокупното досие за стечајот на „Трансмет“ им било доставено во оригинал на нивно барање.
–Ние побаравме документи верни на оригиналот за постапка што ја водиме – ни одговорија од управата, посочувајќи дека се разгледуваат и аспекти текот на стечајната постапка.
Инаку, за оваа компанија подолг период се води стечајна постапка, а нејзиниот сопственик Кочан ја одлежува скоро петгодишната затворска казна изречена во предметот на СЈО под назив „Труст“, поради наместен тендер од АД ЕСМ (поранешен ЕЛЕМ) за ископ на јаглен во рудниците на РЕК Битола вреден 17 милиони евра.
Пред неколку дена, Фокус објави дека Државното правобранителство бара Јавното обвинителство кривично да го гони Кочан, бидејќи како гаранција за да се брани од слобода во судскиот процес предложил недвижен имот кој претходно бил опфатен со решение за привремена мерка – забрана за отуѓување и располагање со ставање на хипотека.
Станува збор за имот кој првично бил во сопственост на субјектот опфатен со привремената мерка – „Трансмет“, меѓутоа преминал во сопственост на друга компанија на Кочан, односно на „ТВ Нова“, непосредно пред судот да го прифати второто барање на обвинителството за замрзнување на имотот (првото барање било одбиено откако обвинителството не го дополнило предлогот).
„Основаното сомнение за преземените противправни дејства од страна на Сеад Кочан се занова и на околности што како одговорно лице, односно управител во „Трансмет“ учествувал и го потпишал договорот за купропродажба на истиот имот“, стои во дописот на ДП до ЈО, во кој се бара Кочан да биде гонет за злоупотреба на службена положба и овластување.
Се уште чекаме официјален одговор од ЈО како било одговорено во однос на ова барање на ДП, но неофицијално дознаваме дека во текот на вчерашниот ден била прибирана документација од одредени институции.
Влатко Стојановски