Веќе девет месеци Управата за финансиска полиција истражува дали скопската градоначалничка, Данела Арсовска, сторила кривично дело при новогодишното украсување на градот.
На крајот на минатата година, финансиската полиција влезе во Град Скопје и одзеде документација со цел да истражат како се потрошени 30.000 евра. Градоначалничката Арсовска никогаш јавно не го објави договорот за украсување, ако воопшто постои, по што следуваше реакција од Управата.
На прашањето на ,,Фокус”, до каде е постапката против Арсовска, од Управата ни посочуваат дека согласно член 289 од Законот за кривична постапка, сите дејствија преземени во предистражна постапка се сметаат за тајна. Сепак откриваат дека се уште се работи, иако извори за ,,Фокус” тврдеа дека постапката е запрена.
-Единствено можеме да ве информираме дека Управата за финансиска полиција, согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, презема мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела, обезбедува докази и материјали во врска со темата за која се интересирате, а за добиените пријави и сознанија со соодветен писмен поднесок ќе биде известен надлежниот јавен обвинител, велат од Управата за финансиска полиција.
Скопската градоначалничка тврдеше дека е склучен тендер за новогодишното украсување на градот, но сепак таа не го објави, а истиот не е објавен ниту на сајтот на Бирото за јавни набавки. Таму ги има сите претходни договори на градот, за минатите украсувања, но не и за минатата година.
Како што неофицијално дознаваме, набавката била предвидена во некоја од програмите на Градот, но дали се било според законската регулатива ќе треба да открие Управата.
Пред два месеци Владата назначи нов директор на Управата за финансиска полиција. Поточно на местото на Горан Иванов дојде Слободан Ивановски, магистер по правни науки со положен правосуден испит. Како што тогаш посочија од Владта, Ивановски има долгогодишно работно искуство во Управата за јавни приходи (УЈП), а во моментот на назначување работел како претседател за Комисијата за прекршоци на УЈП – Регионална дирекција Прилеп.
Валентина Вурмо