Министерството за економија и годинава ќе реализира неколку програми за поддршка на индустријата, иновативноста, занаетчиството, туризмот и домаќинствата, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата, за Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво обезбедени се 68,8 милиони денари, а за Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата 52 милиони денари.
Годинава како што кажа, средствата од Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата првпат ќе се „исплаќаат по принципот прв дојден, прв услужен“ и додаде дека 21,8 милиони денари од оваа програма се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија, односно за производство од фотонапонски централи.
-Со Програмата за развој на туризмот во Северна Македонија во 2021 година се предвидени 31 милион денари. Исто така вкупно осум милиони денари се предвидени во Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, односно за поддршка на енергетска сиромаштија, рече Бектеши.
Годинава, потенцира, ќе се спроведува и за мерката за субвенции за вградување на уред на погон на ТНГ, метан и друг вид алтернативно горива во возилата што првпат се реализираше во 2019 година, но минатата година поради пандемијата средствата за оваа мерка беа пренаменети за поддршка на најпогодените сектори.
-Оваа година повторно ќе биде објавен јавен повик за надоместување до 50 отсто од трошоците за вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, но не повеќе од 18.000 денари по возило, рече Бектеши.
Вкупно за оваа намена, додаде, се предвидени 11 милиони денари, а јавниот повик ќе биде објавен во третиот квартал годинава по принципот „прв дојден, прв услужен.