Поголема едукација на студентите за препознавање и пријавување на корупцијата и санкционирање на ваквите појави се меѓу главните предуслови за поголема „борба“ против корупцијата во високото образование во земјава. Покрај тоа, зајакнување на финансиската независност на универзитетите, повисоки критериуми за работа и подобра законска рамка се клучни фактори во подобрување на интегритетот на високообразовните институции, намалување на корупцијата и непотизмот, како и сузбивање на клиентелистичките односи во високото образование. За да се постигне тоа неоходно е да се создаде силна коалиција помеѓу студентите, академската заедница и институциите. Ова се главните заклучоци од јавната дебата посветена на „Интегритет во високото образование – поттикнување на борбата против корупцијата“, што се оддржа во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.
На дебатата која се одржа онлајн говореа универзитетски професори од неколку државни и приватни универзитети, претставници на институции и преставници на студенски организации.
„За сериозна борба против корупцијата и судирот на интересите неоходно е вклучување на секој поединец, секоја институција или организација. Без оглед на постоечките слабости, ние мора сите заедно да создадеме широк фронт и да работиме на подигнување на свеста за важноста на борбата против корупцијата. Особено важно е да се вклучат младите и да создадат кај себе, а со тоа и во општеството, култура која нема да толерира корупција. Оваа дебата има за цел да поттикне еден таков процес, но истовремено да создаде мостови на соработка помеѓу студентите, универзитетите и институциите. Се надевам дека оваа иницијатива ќе стане пракса и самите универзитети почесто ќе иницирираат нови можности за подобрување на состојбите“, истакна Билјана Ивановска претседателка на Комисијата.
Петар Барлаковски, претставник на Македонскиот образовен форум, истакна дека се залагаат за нулта корупција во високото образование и дека преземаат активности за поголема едукација на младите и студентите. „Корупцијата негативно влијае на младите не само во текот на нивното студирање, туку и понатаму во животот. Но, за да има поголем ефект неопходна е поголема едукација за тоа што е корупција и како и каде да се пријави. Покрај тоа, потребна е поголема институционална волја од факултетите“, истакна тој.
Законите за високо образование во одредена мерка генерираат клиентелизам, а дополнително на тоа се намалени критериумите за квалититет со што се создава хиперпродукција на универзитети, смета д-р Марјан Бојаџиев, професот на Американ колеџот од Скопје. „Корупцијата е кривично дело и ваквите појави треба да се санкционираат. За да успееме во тоа неопходно е заеднички да работиме на повеќе процеси паралелно, бидејќи се работи за системски проблем. Само со подигнување на критериумите во високото образование ќе создадеме квалитет и ќе се имаме напредок и во сегментот на корупцијата“, истакна Бојаџиев.
Професорот д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет Јустинијан Први од Скопје истакна дека финансиската зависност од државата, отвора простор за притисок и влијанија врз универзитетите и за носење на одлуки врз партиската призма. Тој додаде дека покрај овие фактори кои влијаат и на степенот на корупција, но и на квалитетот на високото образование, неопходна е и едукација, уште
од основно образование за навремено да се создава култура на неопходност од реакција на каков било вид на корупција, непотизам или судир на интерес.
Професорката д-р Ана Павлова Данева даде осврт на постоечките механизми кои постојат за превенција од корупцијата, но заклучи дека во оваа област треба уште многу да биде направено – во насока на постигнување на позитивни примери со кои би се избегнала неказнивоста и би се вратила вербата во системот на борбата против корупцијата. Го потврди веќе искажаниот став на повеќе професори од академската заедница за неминовната потреба од зголемување на финансиската независност на факултетите и подвлече дека вработувањето на професорскиот кадар е најважна алка во создавањето на кадри кои се квалитетни и овој процес на смее во никој случај да подлежи на партиски притисок.
На јавната дебата се обрати и директорот на Државната агенција за квалитет на високото образование Агим Рушити. Тој посочи дека за поголем интегритет на институциите неопходно е носење на нови закони и подзаконски акти, кои ќе ја дефинираат прецизно оваа област и ќе овозможат поголем квалитет преку поголема финансиска независност.
„Ние сѐ уште ги регулираме активностите во високото образование со корпус на закони кои потекнуваат од осумдесетите. Тоа мора да го промениме. Националната стратегија за развој на образованието 2018-2025 година е добра рамка која ни овозможува понатамошно унапредување на оваа област“, истакна Рушити.
Зборувајќи за напредокот кој е направен на Економскиот факултет при УКИМ во оваа област деканот, професор д-р Предраг Трпевски истакна дека клучно е градењето партнерски однос и доверба помеѓу студентите, професорите и државните институции. Тој истакна дека без доверба и добра волја овој процес не може да се унапреди.
Покрај другото, универзитетските професори истакаа дека на сите универзитети имплементирани се законските механизми за пријавување на корупција, а со воведувањето на електронски учебници кои се бесплатни и за студентите и за целокупната јавност, целосно се елиминира можноста за злоупотреба, што беше случај во изминатиот период.
Студентскиот обудсман на УКИМ Теа Мицевска истакна дека студентите многу малку се запознаени со своите права во областа на корупцијата, а не знаат да препознаат ниту ситни форми на корупција. Мицевска додаде дека студентите не се охрабруваат да пријават, а поради ниското ниво на доверба во институциите не веруваат дека нешто ќе биде преземено за да се санкционира копрупцијата. Според неа, ваквата состојба дополнително укажува за потребата од поголема соработка и едукација.
Подигнувањето на свеста на јавноста за важноста од јакнење на интегритетот на институциите и користењето на правото за слободен пристап на информациите од јавен карактер во борбата против корупцијата се меѓу главните цели на кампањата за интегритет што ја спроведуваат Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во рамките на оваа кампања беше организирана и оваа јавна дебата.
Проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација на Република Северна Македонија“ е финансиран од Европската Унија.
ПР текст