По повод 23-ти октомври, Денот на создавањето на ВМРО, бугарскиот финансиер на клубовите „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, Милен Врабевски, донирал пакети со храна на семејства од Битола и Охрид. Веста ја објавија и двата клуба, а споделија и фотографии од пакетите со прехрамбени производи кои им биле поделени на битолчани и охриѓани.
Врабевски, кој е на чело на неговата Фондација ,,Бугарска меморија” исто така деновиве организирал и семинар за обука на тинејџери од Македонија и Бугарија, на тема „Откривање на силата во единството и заедничките вредности со примена на методите на учење базирано на проблем и на вредности“.
Фотографии од младите кои се дел од неговиот семинар, на кој предавал извесен Живко Костуров, член на фондацијата на Врабевски, беа објавени во бугарските медиуми.
-За учесниците се подготвуваат теми поврзани со претприемништвото во контекст на меѓукултурните разлики и единството во различностите. Сето ова придонесува за градење вештини, иницијатива, претприемачки, социјални и граѓански компетенции кај младите. Тоа е и поттик за младите луѓе за нивниот позитивен однос кон европската вредност-изјавил тој за БТА.бг.
Бугарските клубови именувани според личности кои се поврзуваат со фашизмот, а кои ги отвори Врабевски во Битола и Охрид, ја брануваат македонската јавност. Се одржаа протести по повод отворањето, голем број на наши државни функционери јавно излегоа со осуда за чинот – именување на клубовите според контроверзни историски ликови, но истите се уште функционираат непречено.
Вики Клинчарова