По објавениот јавен повик за учество во програмата на 16-тото издание на битолско културно лето „БИТ ФЕСТ“, познати се учесниците, со кои се комплетира годинешната културна понуда до крајот на месец август, информираат од Општина Битола.
Настаните во склоп на манифестацијата ќе бидат реализирани до 31-ви август, а финалето на 16-тото издание на битолско културно лето „БИТ ФЕСТ“, ќе биде посветено на уште еден значаен битолчанец, преку манифестацијата „Незаборав“.
Песните на познатиот композитор Тоде Новачевски, ќе бидат отпеани на концерт во живо, со познати македонски изведувачи.
Новачевски, кој е автор на најпопуларните песни на поп дуетот Маријана и Росана, почина во февруари 2022 година, во Мелбурн, Австралија по повеќегодишно тешко боледување. Имаше 66 години.
Тој беше поранешен сопруг на пејачката Маријана Сариќ, која со сестра си близначка Росана ги испеаја неговите најголеми хитови, како антологиските „Признавам“, „Свири ми брате Цигане“, „Ако не исчезнам“, „Верувај ми“, „Венера“, „Око мое“, „Има една судбина“. Новачевски ја пееше насловната песна „Урде чавен“ на ТВ-серијата „Трст виа Скопје“.
Новачевски е роден во Битола, а повеќе децении живееше во Мелбурн. Во бракот со Маријана добија две деца.
Покрај настанот во чест на композиторот, најавени се настапи на групата Љубојна, на пијанистот Матија Дедиќ и кларинетистот Горан Бојчевски, ќе се промовираат мали семејни производители на вино, најавени се средби со писателите Ана Бунтеска, Дарко Лешоски, Ана Јовковска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Јасмина Атанасова.
Исто така, ќе се одржат и ликовни работилници со Атеље Солак, а изработените творби од секој учесник ќе бидат изложени на финална изложба кон крајот на месец август.
-Ова се само дел од настаните, кои ќе бидат реализирани до 31.08.2024 година, во рамките на „БИТ ФЕСТ“ 2024, а комплетната програма ќе биде дополнително објавена, известуваат од општината.
Вики Клинчарова