Филмските работници, како и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата, ќе добијат надоместок од 14.500 денари за април и мај, одлучи Владата на денешната седница.
„Со Уредбата со законска сила предвидена е финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, како и Уредба со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба за исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари“, информираа од владата.
На денешната седница е донесена и измена на Уредбата за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба, согласно која на невработено лице, на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50 отсто од месечна нето-плата.