Им благодарам на нашите партнери што ни помагаат во процесите на откривање корупција, но некои работи ќе мора самите да ги истераме до крај, изјави министерот за правда Игор Филков, во одговор на новинарско прашање зошто македонските надлежни институции немаат истраги за корупција, а САД веќе процениле дека има за случаите поврзани со ексвицепремиерот Артан Груби и судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, кои пред неколку дена беа ставени на „црна листа“ на САД.
Во периодот што следува да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци“, рече тој.
На прашањето зошто македонските институции не можеле да ги откријат и гонат за сторена корупција лицата што се на „црната листа“ на САД, за кои процениле дека имаат дејства на корупција, Филков посочи дека се потребни усогласувања.
„Не би рекол дека не можат. Тоа значи дека имаме многу пред нас за усогласување. Да почекаме и да видиме што ќе се случи“, појасни Филков.
За реформите во Судскиот совет рече дека се работи на измените, за што досега се одржани три расправи.
Измените на Кривичниот законик, Филков очекува да бидат завршени до крајот на годината.