Филков: Наследив кабинет полн со чадори, чаши и торби, а без клучни документи

by Fokus

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција по повод 100 дена од работата на Владата, рече дека наследил празен кабинет без клучни оригинални документи како што е извештајот на Оценската мисија на Европската комисија за работата на Судскиот совет, а полн со чадори, чаши и торби набавени од Лога. Филков нагласи дека исто така наследил неплатена фактура од речиси милион денари, па поради нефунционалното работење, министерот Филков, од претходникот ќе бара одговорност.

„Го презедов министерството на многу невообичаен начин без приморедавање од мојот претходник и целосно испразен кабинет од потребна документација, но преполн со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, сите во количина од над 200 парчиња и се разбира неплатена фактура од 956.000 денари за добавувачот на истите. Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси, непостоење на евиденција за добивање на користење на мобилни телефони, лаптопи и електрични скутери од страна на мобилниот провајдер што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата Министерство за правда. Нефунционален возен парк и слободно можам да кажам девастирана функционалност на Министерството за правда“ рече Филков.

Тој нагласи дека ќе биде тешко да се спроведат планираните реформи во правосудството, сузбивањето на корупцијата и враќањето на довербата на граѓаните во правосудните органи, бидејќи во кабинетот на министерот го нема оригиналниот документ од Оценската мисија на ЕК заедно со препораките за реформа на Судскиот совет, а како што рече реформата бара упорност и храброст и поддршка од сите сектори од општеството.

„Голем предизвик во реализирањето на оваа активност претставува фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораките од Оценката мисија на Европската Комисија по однос на Судскиот совет. Иако документот е класифицирана документација, истиот е земен од мојот претходник, заради што министерството не располага со истиот. Како резултат на тоа принудени сме да се потпираме на електронски верзии, само на дел на документот кој ги содржи исклучиво препораките без соодветните образоложенија и официјалниот допис на ЕК“ рече Филков.

Констатирани се и низа злоупотреби во подрачните единици на Министерството за правда во Скопје, Централна и Источна Македонија. Затекнати се празни и со бројни необработени предмети за бесплатна правна помош и несоодветни услови за работа.

Поврзани новости