Филков до СДСМ: Излезете и напуштете ја вашата скафандер политика и помогнете ни работите да ги движиме во вистински правец

by Fokus

Министерот за правда Игор Филков одговорајќи на пратеничко прашање од СДСМ за наводна партизираност на судството и Судскиот совет порача дека двајцата нови членови на Судскиот совет не се избрани од извршната власт, туку од самите судии и дека станува збор за лица кои имаат долгогодишно искуство во својата област.

„Зарем мислите дека јас како министер за правда може да влијаам на оние судии кои токму вие сте ги назначиле и унапредиле, да им кажувам како да гласаат. Овие нови членови се избрани од судиите”, рече Филков.

На прашањето на Бисера Костадиновска Стојчевска , зошто не се повлекува како член по функцијата од Судскиот совет, министерот Филков посочи дека тој, како и неговите претходници ја почитуваат препораката на ГРЕКО да не се присуствува на седниците на Судскиот совет.

„Јас ниту сум влегол во Судскиот совет за да можам да излезам од истиот. Ако ги следите моите изјави од првиот ден, укажувам на тоа дека нема потреба од мое присуство таму, но доколку Судскиот совет навистина функционира, а тоа што се случуваше наназад го знаете многу добро затоа што бевте дел од власта, иако не се сеќавам дека во таа Влада сте поставиле било кое прашање поврзано со судство или Судскиот совет. Делот за невистините продолжува и понатаму иако ви објаснив дека ние немаме именувано ниту судии, ниту јавни обвинители. Значи, излезете и напуштете ја таа скафандер политика и помогнете ни работите да ги движиме во вистински правец. Ние за три до пет години нема да имаме судии во државата заради погрешните политики на претходните власти, Ајде сите заедно да се договориме, да ги донесеме измените на законите и да ја покачиме горната граница за пензионирање на 67 години” порача Филков, најавувајќи дека измените на Кривичниот законик доаѓаат и правда ќе има.

Поврзани новости