Министерот за правда Игор Филков потпишал барање за екстрадиција на Алил Демири и Африм Ислаиловиќ, осудени за петкратното убиство што се случи пред 12 години на Смилковското езеро. Барањата за нивна екстрадиција се доставени до косовското министерство за внатрешни работи и се чека одговор, а вакво барање се испраќа дури по шест години.
За повеќе од 10 години, ова е трето барање за нивна екстрадиција, во десет години Македонија само два пати ги барала бегалците, а претходниот министер за правда, Кренар Лога не испратил ниту едно барање до косовските власти.
Според она што го презентираше Филков, за Демири и Исмаиловиќ прв пат од Косово е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година, но барањето било одбиено.
-За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година, додаде Филков.
На 8 октомври 2021 година било добиено известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.
-Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено. Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, во февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016. После шест години, повторно бараме нивна екстрадиција, рече Филков.Министерот напомена дека не може да прејудицира сега што би можеле косовските власти да направат, за тоа ќе мора да се почека.
Дали ќе се бара екстрадиција на Алил Демири – во 10 години Македонија само два пати ги побарала бегалците
За петкратното убиство кај Смилковското езер, случај познат во јавноста како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.
Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата непосредни извршители на убиствата кај Смилковско езеро. Тие се во Косово, по нив беа распишани потерници, но и покрај ветувањата од Приштина, досега не се екстрадирани во нашата држава.
Неделникот „Фокус“ пишуваше дека иако во јавноста е создадена перцепција дека Демири и Исмаиловиќ постојано се бараат од Косово, за десет години, официјално имало испратено само две барања за нивна екстрадиција.
Филков одговори и за евентуална екстрадиција на поранешниот премиер, Никола Груевски, за кого неговиот претходник бараше екстрадиција, но тој веќе има азил во Унгарија и не може да биде испорачан.
Водачот пак на групата Грчец, која се товари за убиства и шверц и продажба на кокаин, Шеваљ Муареми е во Дубаи и се уште не е екстрадира. За него, Министерството за правда побарало екстрадиција уште во март, барањето стигнало во Обединетите арапски емирати во април, но одговор за негово испорачување се уште нема.
Ф.Ф.С.