Министерот за здравство Венко Филипче на барање на телевизија Телма, говореше за Националната стратегија за вакцинација која ја изработија Министерството за здравство и Националната работна група за вакцинација, а Владата ја усвои на 26 јануари 2021 година. Стратегијата е изработена врз основа на постојните препораки и основните принципи на СЗО, Стратешка советодавна група на експерти (SAGE), Организација COVAX и регулаторни тела за EMA и FDA, како и релевантни национални институции и комисии во земјата. Овој документ постојано ќе се ажурира и ќе се обликува според препораките специфични за вакцините кои се развиваат низ целиот свет и во земјата и затоа не треба да се смета за конечен.
Како што соопшти Министерството за здравство, според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази.
Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
-Како приоритет здравствените работници веќе ги имаме со име и презиме како ќе примаат вакцини, тука во Клиничкиот центар во еден пункт, а во останатите градови во здравствените домови таму кадешто се аплицираат вакцините. Во однос на останатите граѓани, согласно возраста и хроничните болести веќе е направен списокот со име и презиме на 14.000 луѓе, кои ќе бидат повикувани само преку матичните лекари, а преку системот „Мој Термин“, истакна Филипче.
Тој потенцираше дека последната препорака е дури и граѓаните кои биле заболени после месец дена без разлика дали имаат или немаат антитела да се вакцинираат. Единствената контраиндикација за вакцинација е да имаат некаков симптом на болеста и само во тоа сценарио граѓанинот нема да се вакцинира.