Да се подигне свеста кај жените за навремен преглед со цел да се спасат повеќе животи, да се нагласи важноста на превенцијата и да се зголеми информираноста кај населението за ракот на дојка, се главните пораки испратени од 11-та розова прошетка „Напред розово 2019 – чекори против ракот на дојка“, во организација на Здружението „БОРКА – за секој нов ден“ и Амбасадата на САД во земјава.
Министерот за здавство Венко Филипче, даде поддршка на оваа кампања и рече дека Министерството за здравство за првпат оваа година спровело набавка на скапи цитостатици и благодарение на тоа, како што рече, на сите жени на кои им е потребна терапија после операција или без операција на карцином на дојка, сега се покриени со цела терапија што им е потребна.
– За првпат е воведена и иновативна терапија за т.н. ХЕР2 карцином на дојка и таа терапија како второлиниска ја примаат 15 пациенти. Тука се и сите тестови за пристапот да биде индивидуализиран, се внимава на најсовремените терапевтски пристапи како што е тоа во најразвиените земји во светот, рече Филипче.
Истакна дека се работи на квалитетот и на постојните мамографи и веќе од средината на минатиот месец сите се целосно сервисирани и во функција и тоа ќе го намали времето на чекање за потребниот преглед. Најави дека во тек е набавката на осум нови мамографи, и ќе бидат соодветно распределени за жените да имаат пристап до мамографијата.
– Паралелно на сето тоа го започнавме и розовиот караван заедно со здружението „Борка“ за подигање на свеста и важноста за изведување на овие прегледи. Рана детекција може да значи целосно излекување и спасување животи, рече Филипче.
Апелираше на жените да се одзиваат на поканите што ги добиваат и да ги прават редовните мамографски прегледи.