Филипче: За Мицкоски ,,ресет на системот“ е да постави свои судии и обвинители

by valentina 08:58
08:58

Под мотото „Се бориме за нашиот дом“ предизборната кампања на СДСМ и коалицијата вчера вечер продолжи со граѓанска трибина во Тетово.

Таму се обрати претседателот на партијата Венко Филипче и носителот на листата со кандидати за советници за Општина Тетово, Живе Алексовски. Филипче од Тетово и порача на власта дека таа ја спречува реформата на судскиот систем.

-Власта е нервозна затоа што е свесна за неуспехот од неподнесувањето на ниту еден закон во Собранието. Оваа власт е свесна за своите неуспеси, и затоа сите се многу нервозни. Од што нема со што да се пофалат, единствено нешто им остануваат се само спиновите. Го слушам Мицкоски на митинзите зборува за некаков „ресет на системот“, а всушност тој е тој што само бара изговори да не ја спроведе вистинска реформата во судството. Од авион се гледа дека оваа влада свесно го кочи реформскиот процес. Единствената цел на премиерот е да поставува свои судии и обвинители затоа ниту еден реформски закон не е поднесен во собранието, рече Филипче.

Во своето обраќање Филипче се осврна на историската улога и вредносниот континуитет на СДСМ, како партија што ги негува темелите на државноста, еднаквоста и борбата за слобода. Тој посочи дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата, секогаш знае и умее да се избори за својата иднина, така било во минатото, така ќе биде и во иднина.

-СДСМ е наследник на највозвишениот идеал за Македонија, на борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност – државата да биде дом за сите. И вечерва сме заедно сплотени во желбата за промени, во вредностите што не зближуваат – за Тетово кое ќе обединува, а не да разделува. СДСМ не е само политичка партија, туку вредносно и историско движење кое е длабоко вкоренето во антифашистичката борба, солидарноста и стремежот кон праведно општество, рече Филипче.

Слични вести