Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, говори и за состојбите во правосудството, откако веќе јавно призна дека измените на Кривичниот законик биле грешка.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Неодамна признавте дека сте згрешиле со измените на Кривичниот законик, со кои многу дела застареа, гонети лица добија обесштетување наместо казни, а се оневозможи и гонење на потенцијални кривични дела од финансискиот криминал на функционери од изминатиот период. Зошто сметате дека овие законски измени се грешка, со оглед дека владата на СДСМ и ДУИ ги правдаше со германско и словенечко искуство и тврдеше дека тие ќе обезбедат конфискација на незаконски стекнатиот имот? Дали сметате дека се грешка од правен аспект или тоа го сметате само поради изборниот резултат?
ФИЛИПЧЕ: Не можам да кажам кои биле мотивите, зошто не сум бил дел од тој процес на креирање на тие решенија. Тоа што го реков дека биле грешка, е тоа што го чувствував тогаш и го чувствувам и сега.
Затоа и повикав веќе подготвениот текст на нов Кривичен законик, на кој се работело долго во Министерството за правда, да биде ставен на јавна расправа и час побргу да го донесеме. Не како некакво оправдување, туку затоа што тоа ни и обврска од реформската агенда со ЕУ.
Сметам, исто така, дека е погрешно да бидеме и натаму обвинувани дека тоа било направено за да се заштитат функционерите на владата на СДСМ од наводни криминали, кога токму челници од ВМРО-ДПМНЕ најмногу се офајдија од тие измени и сега се на високи функции.
ФОКУС: Но, ако навистина имало нов Кривичен законик, зошто толку долго се чувал во фиока во Министерството за правда?
ФИЛИПЧЕ: Во новиот КЗ, кој инсистирам да се донесе, има нови одредби кои ја санкционираат злоупотребата на службената положба и овластувања и тоа беше мој одговор на сите шпекулации дека е заради некаква скриена амнестија на функционерите од претходната власт. И навистина ме чуди зошто толку експресно тој мој предлог беше одбиен од премиерот Мицкоски.
ФОКУС: Додека бевте на власт, довербата во правосудството падна на 2 проценти, а позицијата на последната ваша влада беше дека тоа е посебна власт и извршната власт не треба да се меша. Колку тоа е погрешен пристап при ваква поразителна состојба и дали сметате дека грешка е што СДСМ не го исполни програмското ветување за тотален реизбор на судии?
ФИЛИПЧЕ: А зошто да не ја дополниме Вашата констатација и со фактот дека според истите тие анкети, идентична е и довербата во политичките партии, како општествени чинители, без оглед кој бил на власт или опозиција, колкаво изборно конто имал зад себе?
Сѐ заедно и тоа што Вие го нагласивте и ова што јас го споменав, говори за една алармантна состојба во општеството на недоверба, разочараност и апатија што сите имаме обврска час поскоро коренито да ја менуваме.
Не би рекол дека е или бил погрешен ставот на СДСМ дека судската власт е независна и извршната власт не треба да се меша, како што Вие посочивте. Напротив, тоа е единствениот исправен став.
ФОКУС: Да, но таквиот конформистички став при ваква алармантна ситуација може да се толкува и како бегање од одговорност.
ФИЛИПЧЕ: Улогата на извршната власт е само и единствено да креира соодветен правен амбиент и законска рамка, која ќе гарантира самостојност и независност на судската власт. И од тој аспект, таа позиција била не само коректна, туку единствено можна и исправна.
Ако зборуваме за грешки, како што велите, тогаш можеби грешка било дека не се успеа навреме да се реализираат сите проекти предвидени и во Стратегијата за реформи на правосудството.
Но, да не заборавиме дека беа донесени над 20 закони или законски измени во оваа сфера. Споменав претходно дека во финална фаза беше и новиот Кривичен закон.
Впрочем, владата на СДСМ беше таа што побара Брисел да испрати оценска мисија за Судскиот совет и согласно препораките на европските експерти почна да се работи и на измените на законот за Судски совет.
Успешно се спроведе скринингот за Поглавјата 23 и 24 и беше подготвен и прифатен од Брисел и Патоказот за владеење на правото, како една од клучните обврски за преговорите со ЕУ.
Сите овие резултати не се занемарување и покажува дека СДСМ, сепак, имал искрена намера во однос на процесите во правосудството.
ФОКУС: Што мислите за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители?
ФИЛИПЧЕ: Ние јасно го кажавме нашиот став, а тоа е дека било каква реформа во правосудството мора да биде мониторирана и одобрена од меѓународната заедница.
Апсолутно не веруваме, а на тоа не учи историјата, дека ВМРО-ДПМНЕ има искрени намери да го реформира судството, напротив, сакаат да го скројат согласно своите потреби. И на оваа тема кај нив се гледа голема неискреност кон граѓаните, во јавноста се говори едно, а зад затворени врати се потпишува друго.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.