Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, говори и за состојбите во СДСМ по историски најтешкиот пораз на изминативе двојни избори и воедно одговара на прашањето дали е можно обединување на левицата?
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Зошто само ја повикавте власта и мнозинството да го промени спикерот Гаши поради инцидентот на скопскиот аеродром, а не поднесовте аргументирана интерпелација, како што тоа го направи Левица? Нели сметате дека ова офанзивно дејствување на Левица уште повеќе ќе ја продлабочува неповолната позиција на СДСМ после двојните избори?
ФИЛИПЧЕ: Апсолутно не! Ако ги погледнете резултатите, од локалните до парламентарните избори, Левица речиси да нема никаков раст во гласовите, а СДСМ има значителен пад. Тоа значи дека СДСМ воопшто не ги губи гласовите од Левица и не ги сметам за закана.
Според политиките што ги застапува и начинот на дејствување, сметам дека Левица воопшто нема капацитет да го преземат приматот во опозицијата. Нивната стратешка определба нема поддршка од нашите гласачи.
Едно треба да биде јасно во однос на сите дилеми околу тоа дали СДСМ ќе се врати. Само СДСМ може да го порази ВМРО-ДПМНЕ и никој друг. Точно е дека СДСМ е исправена пред голем предизвик, но ние сме биле и порано во слични ситуации од кои сме се враќале посилни.
Тоа ќе се случи и сега, а оние кои се надеваат на распад на партијата, ќе бидат разочарани. Сигурен сум дека стабилно и во континуитет ќе ја враќаме довербата кај членството и граѓаните.
ФОКУС: Во многу држави, левицата е во криза, меѓу другото, и од причина што гласачкото тело е фрагментирано, додека десницата е консолидирана во една партија. Нешто слично сега се случува и во земјава, каде што, условно кажано, левите гласови се расцепкани. При ваква реалност, неопходно е обединување на левиот спектар, ако левицата сака да биде конкурентна. Во догледно време, можно ли е СДСМ да ги здружи силите со Левица и со ЗНАМ, со кои моментално имате повеќе разлики отколку точки што ве обединуваат?
ФИЛИПЧЕ: Јас веќе најавив дека подготвуваме нова политичка стратегија и СДСМ во следниот период ќе се посвети токму на ова, според мене суштинско прашање.
Основната идеја на тој документ е да ги реафирмираме вредностите и политиките по кои ќе дејствуваме, но и да ги прилагодиме социјалдемократските политики на новото време и македонскиот политички контекст.
Социјалдемократските политики, во скандинавските земји и во Обединетото Кралство не се идентични и се прилагодени на потребите на граѓаните и економијата во тие земји. Тоа е мојата цел. Да се обединиме околу една нова модерна социјалдемократска програма и визија скроена по потребите на општеството и граѓаните.
Што се однесува до Вашето прашање, не сметам дека Левица, иако се претставува како заштитник и претставник на работничката класа, е автентична левичарска партија.
Напротив, со многу свои политики и јавни настапи дури се оддалечуваат и од она што се смета за екстремна левица и се поблиску до некаква мешавина на екстремно леви и доминантно екстремно десни ставови.
ФОКУС: Сепак, Левица се претставува како изворна левичарска партија, која реферира на асномските идеали, исто како и ЗНАМ, која ве обвинува вас како СДСМ дека сте застраниле од традиционалните левичарски основи.
ФИЛИПЧЕ: За ЗНАМ тешко дека воопшто и искусни политиколози би можеле јасно да ја издиференцираат нивната идеолошка матрица. Ако се анализира она малку што постои како програмски принципи и она што го прокламираа на избори, кај нив може да се забележи само желба за власт.
Досега не видовме политики и програмски определби што ќе ги имплементира ЗНАМ во Владата, тие се таму очигледно само од лукративни причини.
ЗНАМ воопшто и не може да биде социјалдемократска партија, бидејќи во моментов е дел од влада, која води целосно антисоцијалдемократски политики. Но, тоа е нивна одлука, нивен начин на дејствување.
Дали можеме да се сретнеме во некаква соработка, во моментов тоа изгледа далечно. Иако, да не заборавиме, вие и сега имате многу навидум неспоиви коалиции на локално ниво и кои функционираат. Но, тоа е сосема друго ниво од она што на ниво на централна власт би се сметало за една крајно непринципиелна коалиција.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.