Во најновиот број на неделникот „Фокус“, објавуваме интервју со лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој, меѓу другото, говори и за причините за големиот изборен пораз, при што посочува дека огромниот пад се случил во периодот откако всушност партиски лидер стана Димитар Ковачевски, наследувајќи го Зоран Заев.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: На брифингот со новинари рековте дека СДСМ се враќа и дека партијата е консолидирана. На што го темелите тоа, кога уште го немате избрано ниту партиското раководство, ниту ги имате екипирано партиските органи, ниту сте презеле некои посериозни политички чекори?
ФИЛИПЧЕ: Од парламентарните избори, па сѐ до мојот избор за претседател, СДСМ беше речиси неактивна. Ова создаваше впечаток во јавноста дека партијата се откажала или не може да се консолидира од поразот. За кратко време откако ја презедов функцијата, СДСМ почна опозициски силно да дејствува, следејќи го и критикувајќи го работењето на владата.
СДСМ ќе победува кога ќе го промени однесувањето кон членството, цврсто ќе ги реафирмира социјалдемократските вредности во нова модерна платформа и ќе направи реорганизација и демократизација на партијата.
СДСМ ќе победува ако се насочи кон реалните проблеми на граѓаните во политичка програма, која ќе значи унапредување на животот во секој сегмент и за секого. По ова треба да биде препознаен СДСМ. Да нуди конкретни решенија и да ја доближи својата политичка реторика до граѓаните.
СДСМ мора да ја негува демократијата и слободата како единствена голема партија во моментов, која има целосно демократска ориентација, без да калкулира со национализмот и да води политики на манипулации на штета на напредокот. Такви партии имаме доволно.
Јас силно верувам дека СДСМ мора да им се обраќа на работниците и на ранливите групи за кои направивме навистина многу во изминатиот период. Овој пристап комбиниран со ефикасен модел за раст на економијата и поддршка на компаниите ќе даде резултат за сите.
И ова е политика на заштита на граѓаните, која верувам дека ќе биде препознаена пред налетот на дивиот капитализам што го нуди ВМРО-ДПМНЕ.
ФОКУС: Во интервјуто што го направивме кога бевте кандидат за претседател на СДСМ, отворено говоревте за грешките на СДСМ и на владата предводена од СДСМ. Меѓу работите што ги посочивте беше и негрижата за членството, а во изборната програма наведовте дека временски тоа кулминирало во последните 2 години. Дали тоа значи дека за овој сегмент одговорноста ја лоцирате кај партиското раководство предводено од Ковачевски, кој, пак, на заминување ја подели генералната одговорност за изборниот неуспех и со претходното раководство на чело со Заев?
ФИЛИПЧЕ: Не треба никој да се амнестира од одговорност, но бројките, сепак, укажуваат дека најголем пад СДСМ имаше токму во последните две и пол години. СДСМ на листите на локалните избори во 2021 освои само околу 50.000 гласа помалку од ВМРО-ДПМНЕ, пораз кој воопшто не беше трагичен.
Но, за само две и пол години на парламентарните избори СДСМ изгуби со речиси 300.000 гласа разлика. И тука лесно може да се види каде и кога се случил огромниот пад, иако сметам дека процесот е почнат порано.
(ИНТЕРВЈУ) Филипче: СДСМ е во критичен момент, но верувам во промени и во обнова!
ФОКУС: Меѓу причините за поразот ја споменавте и отстапената моќ кон ДУИ, па се согласувате ли со оценките на многумина дека ДУИ е „гробарот“ на СДСМ, исто како што беше и во периодот 2002-2006?
ФИЛИПЧЕ: СДСМ не беше во поволна позиција во коалицијата со ДУИ со оглед на изборниот резултат и распределбата на гласовите. Во такви услови, практично беше потребно постојано одржување на стабилноста на владата.
СДСМ сметаше дека е важно да се задржи владата стабилна, со цел да се завршат процесите што беа почнати во интерес на граѓаните. Тука можеби се отстапи премногу простор, како во ресорите, така и во јавниот комуникациски простор.
Ова е лекција што добро ја научивме. Во иднина и по цена да не формира влада, СДСМ нема да дозволи да биде во подредена позиција или, пак, условувана, бидејќи на долг рок тоа се покажува како погубно.
Како и да е, сега го гледаме ВМРО-ДПМНЕ, кое има речиси самостојно мнозинство како замижува пред кршењето на законите на албанските партнери, пред назначување некомпетентни кадри и пред очигледната неспособност да се води владата.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.