Филипче: Вакцините се безбедни и ефикасни

by fokus

Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје, реагира министерот за здравство Венко Филипче, по денешниот протест против антиковид мерките и вакцинацијата.

-Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот. Ако порано за бенефитот од вакцините слушавме само од вестите од светот или читавме во медицински студии, денеска веќе можеме да го потврдиме, со она што се случува кај нас. Фактот што дури 90 отсто од новозаразените последната недела се невакцинирани и исто толкав процент од хоспитализираните, е недвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините – вели Филипче.

Според него, вакцините освен што се ефикасни се и безбедни.

-Преку 1.000.000 дадени дози кај нас, без посериозни компликации или несакани ефекти кај ниту еден граѓанин, се непобитен доказ за нивната безбедност. И покрај овие цврсти аргументи про вакцинацијата, таа останува доброволна. Секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација ја манипулира јавноста. Никој не е присилен на ништо, обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки – посочува Филипче.

Тој додава дека разбира оти се уште има страв и двоумење кај одреден дел од граѓаните, но, како што нагласува, должност на Владата е да ги информира граѓаните за придобивките од вакцинацијата.

-Би сакал да им се обратам на оние кои се уште се двоумат или одбиваат да се вакцинираат. Верувајте им на стручните лица и вашите доктори, но и на вашите блиски кои имале искуство со Ковид 19. Заболувањето носи голем ризик, а вакцините го намалуваат тој ризик и до 20 пати. Разговарајте со луѓе кои за жал вирусот го поминале тешко, нека ви го раскажат искуството. Разговарајте со неколку доктори, медицински сестри во болницата каде живеете, нека ви споделат неколку приказни од нивното работно секојдневие – порача министерот за здравство.

Поврзани новости