Во услови кога Европската Унија не успева да дистрибуира вакцини против корона вирусот во Западниот Балкан, државите од регионот во потрага по нив се вртат кон Кина и Русија, во што предничи Србија, наведува бриселскиот портал „Политико“.
Според медиумот, една од земјите од регионот што ги следи стапките на Белград е и Северна Македонија, каде се уште никој не е вакциниран.
– Бидејќи првата пратка од КОВАКС механизмот во земјата се очекува да пристигне во март, проевропската Влада реши да преговара со Кина во обид побрзо да обезбеди вакцини. Скопје, исто така, е во директни разговори со „Фајзер“ за набавка на околу 800.000 вакцини, кои се надева дека ќе ги добие во текот на овој месец, наведува „Политико“.
Порталот пренесува изјава на министерот за здравство Венко Филипче, кој вели дека на овој потег не треба да се гледа како на одвраќање на земјата од Унијата.
– Не сметам дека ова е политичка и геополитичка состојба, ова е прашање на јавното здравје. Сите се соочуваме со предизвици во пристапот до вакцини. Земјите од ЕУ се соочуваат со свои предизвици. Гледаме дека механизмот за европска солидарност се одложува, но не е неуспешен, вели Филипче за „Политико“.