524
Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека во изминатите четири месеци тој и колегите во Комисијата за заразни болести се целосно посветени да обезбедат препораки, закони и протоколи со кои ќе се спречи ширењето на корона вирусот.
„Протоколите кои досега ги подготвивме за повторно отворање на бизнисите и нормализирање на животот по нови правила, се покажаа многу ефикасни. Се докажа дека со почитување на овие протоколи за лична заштита од корона вирусот, целосно е безбедно да се пазари во маркет, да се оди на работа или да се користи јавниот превоз. Тоа е едноставно нашата нова реалност и нов начин на живот“, рече министерот Филипче.
Идната седмица се одржуваат предвремените парламентарни избори. Министерството за здравство, во соработка со другите институции, изготви сигурен и ефикасен протокол за заштита на здравјето на граѓаните при гласање.
„Сакам од мое лично име и од името на комисијата, да ве уверам дека на денот на изборите ќе биде сосема безбедно да се гласа и со тоа да го остварите вашето граѓанско право. Гласањето нема да биде помалку безбедно од било која друга нормална активност која ја вршиме секојдневно, како одењето во маркет. Строгиот протокол и негова целосна имплементација се наша должност и одговорност, и се обврзуваме на граѓаните да им обезбедиме сигурна средина во која ќе може да гласаат“, потенцираше министерот Филипче.