Филипче со понуда до ВМРО-ДПМНЕ: Да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка

by Fokus

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска ѝ понуди на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ да направат заедничка натпартиска државна стратегија која ќе го гарантира долгорочниот развој на државата и ќе ги обедини политичките партии околу реални и издржани планови.

Филипче предложи конкретни чекори за изработка на таквата платформа и рече дека партијата е подготвена за натпартиска соработка која ќе го стави интересот на граѓаните и државата пред политичките манипулации и поделби. Тој рече дека нуди реално решение кое се темели на заедништво и долгорочна визија.

„Во изминатите шест месеци слушнавме понуди за повеќе национални платформи, декларации, некакви повици за обединување. Жално е кога се гледа како партиите од власта терминот обединување го користат всушност за политички поделби. Бидејќи СДСМ никогаш не била и нема да биде неконструктивна опозиција, еве јас ќе им дадам реална понуда, а не таква лажна за поделби. Ги повикувам да создадеме заедно државна стратегија и платформа која ќе биде натпартиска, наднационална и надетничка. Да создадеме заедничка платформа во која сите партии ќе имаат свој придонес и никој нема да ја поседува. Тоа е рецепт за вистинско обединување“ рече Филипче.

Лидерот на СДСМ понуди уште денеска да се формираат тимови од сите парламентарни партии кои ќе работат на ваквата платформа, да ги дефинираат стратешките позиции во сите области.

„Да ги дефинираме клучните проекти и во здравството и во образованието и во надворешната политика. И сите заедно да излеземе пред граѓаните и да кажеме ова е планот за државата и ова се проектите кои ниедна влада ниту сега ниту во иднина нема да ги кочи и опструира“, истакна Филипче.

Тој најави од следната година масовна теренска кампања која е дел од новата платформа на партијата.

Поврзани новости