Филипче: Шамарот за ВМРО-ДПМНЕ од сопствените европски сојузници е дебакал и пораз за дипломатијата и Владата

by Fokus

Добро е што се усвои извештајот, но за жал, од друга страна, тоа е тотален дебакл и пораз на нашата дипломатија, потенцираше претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во изјава за Телевизија 24. Филипче во изјавата посочи дека македонскиот јазик е потврден, благодарение на државничките одлуки на Владата на СДСМ.

„Собранието во јули 2022 година има донесено заклучоци со кои што тогашната, но и секоја следна влада ги обврзува дека за јазичните, културните и идентитетски одредници ниту една влада не смее да преговара, ниту пак да се преговара за македонскиот јазик така како што е веќе прифатен во преговарачката рамка во рамките на францускиот предлог, а е потврден од сите земји членки на Европската Унија и, впрочем, е потпишан договорот со ФРОНТЕКС. Значи, чист македонски јазик без никакви забелешки, без никакви фусноти“, рече Филипче, додавајќи дека ова е една борба којашто и премиерот и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да ја прикажат како своја борба за македонски јазик, меѓутоа таа борба е завршена.

Притоа, Филипче посочи дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ сериозно ги загрозува нашите преговарачки позиции. Тој потсети на заклучоците донесени во 2022 година од страна на Собранието, за кои што, впрочем, ВМРО-ДПМНЕ тогаш во тогашниот состав не гласале против.

„Тука јасно пишува дека се задолжува Владата на Република Северна Македонија и целокупниот тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Понатаму во текстот, дека Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа што е наведено во преговарачката рамка, а таму јасно стои чист македонски јазик. За жал, сметам дека ова што го прави и премиерот и Владата предводена од него, во која учествуваат и ВЛЕН и ЗНАМ, сериозно ги нарушува нашите преговарачки позиции. Оваа борба Владата на СДСМ ја доби го потврдивме македонскиот јазик, чист македонски јазик“, рече Филипче.

Поврзани новости