Филипче: Семејствата се се посвесни какво добро дело прават со донирањето органи

by fokus

Пациентот со трансплантирано срце сега е во одделот за интензивна нега. Пред него се неколку денови на борба во смисла на тоа што овие први часови, денови се критични со можни компликации. Ова е четврта трансплантација и на некој начин целокупниот тој процес добро се канализираше и добро се одвива. Се посвесни се семејствата за тоа какво добро дело прават кога ќе се согласат да се донираат органите од пациенти на кои за жал им нема спас, истакна попладнево министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека трансплантацијата на срце успешно се завршила, а примател на срцето е 51-годишен пациент кој немал друга алтернатива после сите направени анализи, не бил кандидат да прими механичко срце, а имал срцева слабост која значајно го отежнувала неговото нормално функционирање и практично освен актот на трансплантација друг спас немал.

– Се трансплантираа бубрезите на 22-годишен пациент и 33-годишен пациент и тие интервенции успешно завршија, потенцира Филипче.

Посочи дека во текот на вчерашниот ден во попладневните часови кај една пациентка се дијагностицирала мозочна смрт и после разговорот со семејството од страна на националниот координатор за трансплантација доктор Маја Мојсова Мијоска и нејзиниот тим, тие се согласиле да се донираат срцето, бубрезите и коскено ткиво, за што изрази голема благодарност.

– Членовите на семејството треба да се свесни, да знаат дека спасија еден човечки живот и го подобрија квалитетот на други двајца односно тројца пациенти. Верувам дека и добрите и успешни случаи досега се најдобар знак и показател како треба да се одвива целокупната работа, кампањата која ја спроведуваме со медиумите за подигнувањето на свеста за важноста на трансплантацијата, истакна Филипче и изрази благодарност до сите лекарски тимови кои синоќа беа вклучени и упати честитки за успешната работа.

Поврзани новости