Министерот за здравство Венко Филипче апелираше приватните лаборатории да ги намалат цените на тестирањата за Ковид-19.
– Во оваа криза сметам дека не треба профит да гледаат. Нека излезат во пресрет и нека ги намалат цените на тестирањето. Соочени со овој голем притисок освен ова зголемување на нашите капацитети од близу 400 тестови ќе ја следиме ситуацијата и оваа недела и ако навистина сè уште продолжи овој тренд, не повеќе од петок, сабота, тогаш дефинитивно Фондот ќе склучи договор и со дел од приватните лаборатории по таа референтна цена, едноставно да се зголеми бројот на термини и да се скрати времето на чекање – рече Филипче на Телма.
Тој уверува дека и сега на никого не му е скратено правото да се јави во болничка установа и, доколку има симптоми, брзо да му се направи тест за ковид-19.
-Нема потреба од паника. Секој што има потреба од здравствена услуга и тестирање, може да се јави во најблиската болница и здравствен дом. Ние сме во комуникација, точно знаеме секое утро каде и како се исполнети болничките капацитети и со каква клиничка слика се. Точно знаеме кој каде треба да биде препратен или дали може да почека тест доколку не е итен. Значи на никого не му е скратено правото да се тестира, ако има индикација за тоа – рече Филипче.