Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за локалната КТВ телевизија, најави дека пратеничката група на СДСМ наскоро ќе поднесе предлог Закон до Собранието со кој граѓаните ќе почувствуваат реално намалување на цените на основните производи.
„Гледајќи што се случува, ќе излеземе со предлог Закон за намалување на цените по механизам со којшто граѓаните навистина ќе го почувствуваат намалувањето и ќе има намалување на цените. Тој Закон ќе го поднесеме во Собранието заедно со еден друг пакет на закони и ќе се однесува на 241 производ кои се во прехранбената кошничка“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче посочи дека одлуката за предлог Законот е поради тоа што Владата донесе мерка која што нема реален ефект врз намалување на цените.
„Граѓаните мора да се свесни дека ќе имаат се помалку пари во џебовите , сега ќе се соочат и со кризи, ќе има ценовни шокови како што има секоја есен и зима. За жал не гледаме дека Владата нешто презема во тој дел. Најавија и донесоа некакви мерки за замрзнување на цените, но во каков тек на настани? Прво ја најавија мерката, потоа ја повлекоа, оставија период од 7 до 8 дена за согласно тоа најавување продавачите на прехранбени производи да ги прилагодат цените а некои дури и да ги зголемат и потоа ја имплементираа таа мерка“, рече Филипче.
При тоа, Филипче посочи дека со владината мерка се опфатени само 70 до 80 производи, за разлика од мерката во време на Владата на СДСМ, со која во период на најголемите кризи над 500 прехранбени производи од потрошувачката кошничка беа со замрзнати цени.
„Ние мораме да интервенираме бидејќи сметаме дека Владата е во една целосна конфузија и во една тотална безидејност. Оваа Влада работи целосно спротивно на тоа што го најавуваше за време на предизборната кампања и спротивно на интересите на граѓаните“, порача Филипче.